Ова го потенцирале претставниците на македонската делегација на вчерашната средба во Брисел со претставници на бугарската влада во чиј фокус беше изградбата на железничката пруга на Коридорот 8
Единствен прифатлив услов на Македонија за реализација на пругата кон Бугарија е ако источниот сосед започне со проектирање на тунелска цевка, а двете земји заеднички извршат пробивање на тунелот – потенцирале претставниците на македонската делегација на вчерашната средба во Брисел со претставници на бугарската влада во чиј фокус беше изградбата на железничката пруга на Коридорот 8.

Само на овој начин, посочиле од македонската делегација, овој проект би имал смисла.
„Мора да има нов повик кој би бил заеднички проект спроведен од Македонија и Бугарија, за пругата да се гради во исто време, во духот на добрососедството. Мора да се ревидира и цената оти сметаме дека е превисока“,
информираат утринава од Министерството за транспорт во врска со вчерашната средба во Брисел.
Претставниците на бугарската влада, пак, истакнале дека во овој момент нема проект на кој би работеле на доизградба на железницата до границата со Македонија и изградба на тунел, но е изразена подготвеност да започнат со изработка на проект кој би бил готов во 2026 година.
На крајот на месецов извесна е уште една работна средба на која двете страни треба да ги прецизираат деталите околу заедничката реализација на овој проект.
На состанок на високо ниво во Брисел, на кој учествувале и претставници на Комисијата на ЕУ, претставници од земјава и од соседна Бугарија начелно се согласиле заеднички да продолжат со изградбата на железничката пруга на Коридорот 8, соопшти вчера Генералниот директорат за соседство и преговори за проширување на ЕУ.
