„Минатата година плативме 6 милиони, оваа година 8,3 милиони денари нема да ви ги платиме. Ќе си ги обезбедите вие од Министерството за образование. Ако имавте за Мајка Тереза 35 милиони евра, ќе штрбнете малку од таму и ќе обезбедите средства за да ги платите сметките“, рече градоначалникот

Градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, денеска побара од министерката за образование и наука Весна Јаневска да му даде образложение како да ги менаџира средствата што се префрлаат како блок-дотации за да успее да го плати долгот што основните училишта го имаат кон „ЕСМ – снабдување со топлина“.
Ваквата изјава на Јакимовски доаѓа откако денеска Јаневска рече „верувам дека градоначалникот, кој е многу способен, ќе најде начин да ги затопли училиштата“, а на почетокот на грејната сезона радијаторите во училиштата во Карпош останаа студени на барање на општината затоа што не е платен долгот што тие го имаат кон компанијата.
„Замислете сега ’северџанката’ министерка ме учи мене како да ги менаџирам парите. Како да ги менаџирам? Парите што ми ги дале се префрлени на училиштата, што да ги изменаџираме. Просто е, училиштата потрошиле десет банки, а таа дала две банки. Еве се јавувам доброволно да одам на часови кај министерката ’северџанка’ да ми објасни како да ги менаџирам парите. Кога ќе ни ги прати парите како да ги оплодиме за да бидат доволно“,
рече Јакимовски во денешната изјава за медиумите.
Според него, тоа што министерството за образование не си предвидело доволно пари во буџетот за училиштата во Општина Карпош е исклучиво вина на министерот за образование.
„Овде не е потребно снаоѓање. Овде е потребно министерот за образование да си ги обезбеди парите за да можат децата од училиштата на територија на општина Карпош да имаат нормално затоплување“,
рече Јакимовски.
Тој упати прашање до министерката ако навистина е негова обврска да го плаќа греењето во училиштата, зошто тогаш министерството дава пари за тоа.
„Сакам да прашам, ако е моја обврска да го плаќаме греењето, зошто тогаш министерството дава пари? А, ако е нејзина обврска да се подмират трошоците за затоплувањето, зошто тогаш бара и општината да контрибуира во плаќањето на сметките? Зошто останатите општини не го трошат буџетот за да плаќаат затоплување, туку тоа мора да го прави само општина Карпош? Овој дискриминтароски однос кон општината трае веќе подолго време, но наместо да се смирува, таа ескалира“,
додаде тој.
Јакимовски во изјавата рече и дека кратењето од Општина Карпош се провлекува уште од времето на поранешниот премиер Никола Груевски.
„Од времето на Груевски постојано кратевте кај општина Карпош, а постојано додававте кај вашите градоначалници. И ова ви се провлекува постојано. Минатата година плативме 6 милиони денари, оваа година 8,3 милиони денари нема да ви ги платиме. Ќе си ги обезбедите вие од министерство за образование. Ако имавте за Мајка Тереза 35 милиони евра, ќе штрбнете малку од таму и ќе обезбедите средства за да ги платите сметките“,
рече Јакимовски.
Јаневска денеска го коментираше вчерашното барање на Јакимовски кој ја повика Владата да ги обезбеди средствата за долгот кој изнесува 8 300 000 денари и да го плати затоа што, како што рече, локалната самоуправа не е должна да го прави тоа.
Таа рече дека блок-дотациите за училиштата се исплатени и оти градоначалниците и директорите на училиштата треба да се организираат за да ја спроведат не само грејната сезона, туку и сè друго што треба.
Од „ЕСМ – снабдување со топлина“ вчера информираа дека грејната сезона во училиштата во Карпош ќе почне на 1 ноември и оти тоа е на барање на Општината.