Според полицискиот извештај, за синоќешното пукање во скопски Чаир се уапсени четири лица, од кои двајца се задржани во полициска станица, а други две лица се затвореници од „Идризово“ кои вчера користеле излез врз основа на работен ангажман

Четири лица биле дел од синоќешното пукање во скопската населба Чаир на улицата „Христијан Тодоровски-Карпош“, а во кое повреден беше 35-годишниот скопјанец Е.А., информираат денеска од Министерството за внатрешни работи (МВР).
Од полицијата велат дека четирите лица, учесници во пукањето, биле откриени во координација со „Безбеден град“ и Основното јавно обвинителство Скопје.
Две од лицата, 32-годишниот Л.А. и 30-годишниот И.Т., биле уапсени и се задржани во полициска станица за понатамошна постапка. Другите двајца, А.Р. (29) и М.И. (32), биле осудени лица кои издржувале казна затвор во КПУ „Идризово“, а кои во текот на вчерашниот ден, во времето на извршувањето на кривичното дело, користеле излез од затворот врз основа на работен ангажман.
Од МВР велат дека од местото каде што било пукањето биле подигнати траги од биолошко потекло, а на учесниците биле применети апликатори за барутен тест.
Од видеозаписите од „Безбеден град“, од МВР велат дека било утврдено и возилото со кое едниот од сторителите дошол на местото и тоа е подигнато за обработка од крим-техника.
По целосно документирање на случајот, за кој од МВР велат дека се одвива во координација со OJO Скопје, од страна на Единицата за насилен криминал при Секторот за внатрешни работи Скопје ќе бидат поднесени соодветни пријави.
Синоќа околу 18 часот во скопски Чаир имаше пукање во кое Е.А. е повреден во левата нога.
Од МВР вчера рекоа дека Е.А. бил нападнат додека се движел пеш по улицата „Христијан Тодоровски-Карпош“ кога, според неговите објаснувања, му се приближило едно лице и му пукало во ногата.
Според МВР, повредениот во болница го донел неговиот брат. Тој бил хоспитализиран и му била укажана потребната медицинска помош.
Пред десет дена во Чаир исто така имаше пукање, во кое беше повредено едно лице.
Пукањето, како што информираа од МВР, се случило на улицата „Цветан Димов“, а во повредениот било пукано од возило „пасат“.