„Правилата во ЕУ се такви, се одлучува едногласно, и тука не се работи за некаква неправда. Ние не се согласуваме со нашите европски партнери во сѐ, но такви се правилата. Сѐ додека тие правила не се сменат, за што јас лично се залагам, тие треба да се почитуваат“, изјави германската шефица на дипломатијата
Вметнувањето на бугарското малцинство во вашиот Устав е последниот чекор за отворање на првиот преговарачки кластер со ЕУ, порача германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок по денешната средба со македонскиот колега Тимчо Муцунски во Берлин, пренесе Дојче веле.
Според неа, сè додека во Европската Унија се одлучува едногласно, Македонија мора да ги почитува компромисите и да ги вметне Бугарите во Уставот за да ги почне пристапните преговори со ЕУ. Во овој случај, како што посочи Бербок, не станува збор за неправда, туку за почитување на правилата на ЕУ.
„Правилата во ЕУ се такви, се одлучува едногласно, и тука не се работи за некаква неправда. Ние не се согласуваме со нашите европски партнери во сѐ, но такви се правилата. Сѐ додека тие правила не се сменат, за што јас лично се залагам, тие треба да се почитуваат“,
изјавила Бербок на прес-конференцијата по средбата со Муцунски, јави Дојче веле.
Средбата Муцунски-Бербок доаѓа еден ден по самитот на Берлинскиот процес кој се одржа во главниот град на Германија, на кој лидерите на земјите од Западниот Балкан се согласија на неколку договори кои треба да ја подобрат соработката во делот на економијата и образованието.
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, како што информираа од МНР, на средбата со Бербок изразил благодарност за континуираната поддршка и ангажманот на Германија за досега постигнатиот напредок на нашата земја на патот кон ЕУ, како и за посветеноста на Германија за забрзување на целокупниот процес на интегрирање на земјите од Западен Балкан, особено во рамки на иницијативата на Берлинскиот процес.
На прес-конференцијата по средбата, министерот Муцунски изрази убедување дека деблокадата на евроинтегративниот процес преку одржување на втората меѓувладина конференција и итен почеток на преговорите не само што ќе ја зајакне европската реформска агенда во регионот, туку истиот ќе го направи и многу поотпорен на влијанијата од трети земји. Притоа тој нагласи дека деблокирањето на евроинтеграцискиот процес на Македонија е прашање од стратешки и безбедносен интерес, како за регионот, така и за постојаните заложби на ЕУ, соопштија од МНР.