Врз основа на целокупната документација што ни беше доставена и извршената анализа од наша страна, констатиравме дека од буџетот на државата се потрошени средства исклучиво за делегацијата со претставници од државни институции, вели претседателката на антикорупциската комисија, Татјана Димитровска

360°: Од последната седница на ДКСК најголемо внимание во јавноста привлече вашата одлука да го затворите случајот за патувањето на синот на премиерот Христијан Мицкоски во САД, конкретно во Вашингтон и во Њујорк. Тоа се случи во јули, за време на самитот на НАТО. Проверувавте дали се користени државни пари и заклучивте дека патувањето на синот на премиерот не било на трошок на државниот буџет. Колку сте уверени во доволноста и автентичноста на документите врз чија основа дојдовте до таков заклучок?
Димитровска: Како и за секој предмет, така и за овој, од повеќе институции, меѓу кои Министерство за одбрана, Министерство за внатрешни работи, Министерство за надворешни работи и надворешна трговија, Генералниот секретаријат на Владата, побаравме документација имајќи предвид дека поканата, како и присуството на овој настан во Вашингтон беше од претставници од повеќе институции, беше обезбедена целокупната поткрепувачка документација – од поканата, патните налози, решенијата за службените патувања во странство, понатаму фактурите за хотелско сместување, авиобилетите, како и финансиската документација преку која се потврдува плаќањето на овие трошоци. Кога го отворивме овој предмет, имавме единствена цел да утврдиме дали претседателот на Владата, вршејќи ги своите надлежности, службена должност и јавни овластување, ги има прекршено законот и Уставот, односно дали со спроведеното дејствие има остварено своја лична корист или корист на некое друго лице. Врз основа на целокупната документација што ни беше доставена и извршената анализа од наша страна, констатиравме дека од буџетот на државата се потрошени средства исклучиво за делегацијата со претставници од државни институции, односно дополнително беше обезбедена документацијата за патување на физичко лице, во случајов синот на премиерот, од каде што констатиравме дека од буџетот на државата не се платени трошоци за физичко лице.
360°: Ќе дозволите низ неколку потпрашања да одиме малку подлабоко во овој случај. На пример, вашиот колега што го реферираше предметот за време на седницата рече дека биле доставени фискални сметки за авионски билети Скопје – Вашингтон и Њујорк – Скопје. Имате ли изводи од банкарски сметки или од платежни картички за да видите како се платени билетите?
Димитровска: Од документацијата која ја имаме добиено, авиобилтетите за физичкото лице се платени во готово, имаме прилог фискални сметки. Резервацијата не е извршена од ниедна државна институција, додека за сместувањето издадена е фактура со потпис и печат дека е платено во готово и истата гласи на физичкото лице.
360°: Уште неколку прашања, дилеми и коменатари поврзани и со ова што сега го кажувате. Во денешно време ретко кој плаќа во кеш, во готово. Но, се случува, се разбира. Исто така, сместување обично се букира преку познатите големи сервиси за онлајн резервации, така и обично се плаќа – онлајн. Вие повторивте дека како доказ оти синот на премиерот во Вашингтон и во Њујорк престојувал во апартмани надвор од хотелите во кои престојувал неговиот татко, имате фактури. Колегата ваш рече со печат „пеид“ (платено). Знаете дека со денешната современа технологија може секаков документ да се подготви. Оттука, уште еднаш ве прашувам – колку сте сигурни во веродотојноста на документите што ги добивте?

Димитровска: Уште еднаш ќе повторам дека го потврдивме начелото на законитост односно дали средствата од државниот буџет или средставата на граѓаните се потрошени за приватни цели. Од целокуната документација која ја обезбедивме од буџетските корисници, од трансакциските сметки на тие институции, вклучително и амбасадата, утврдивме дека такви средства не се исплатени на физичко лице. Дали фактурата што има печат „пеид“ е веродостоен документ, сепак не навлеговме во правната регулатива на државата што ја има издадено таа фактура. За нас е доволен доказ, со сите алатки што ги применивме, да потврдиме дека буџетски средства не се користени за приватни цели, во случајов за патување на синот на прмеирот.
360°: Вашиот колега, член на ДКСК, кога го образлагаше предметот, рече дека ви биле доставени фискални сметки за авионски билети Скопје – Вашингтон и Њујорк – Скопје. Како патувал синот на премиерот од Вашингтон до Њујорк?
Димитровска: Девет лица, не ме држете за збор, од делегацијата беа присутни на настанот во Њујорк. Патувано е со јавен превоз, со воз, за што имаме прилог фактура и секако документација дека е платено. Платено е за таквиот превоз, што значи дека исто така и за оваа релација од Вашинготн до Њујорк не е платено за синот на премиерот. Не е платено од буџетот на државата.
