На прашањето дали Антикорупциска го следи процесот во кој мнозинството во парламентот предлага промена на претседатели и членови на Државната комисија за жалби по јавни набавки, Комисијата за заштита на конкуренцијата и второстепената Државна комисија за одлучување по управна постапка, Димитровска вели дека се во тек, но дека предлагачот не ги доставил измените до ДКСК

Потребна е широка дебата во која ќе бидат вклучени експертите и јавноста, а не да се предлагаат и носат законски измени по скратена постапка за нови членови и претседатели на независни комисии и тела, како што се Државната комисија по жалби за јавни набавки, Комисијата за заштита на конкуренцијата и второстепената Државна комисија за одлучување по управна постапка – реагира претседателката на Државната комисија за спречување корупција (ДКСК), Татјана Димитровска, во интервју за „360 степени“ на МРТ 1.
„Тоа не е во ред, треба да се расправа, да има јавна дебата во којашто ќе бидат вклучени и експерти, ќе биде вклучена и јавноста, медиумите, граѓанското општество, заради носење квалитетно законско решение“,
вели Димитровска.
На прашањето дали Антикорупциска го следи овој процес, во кој мнозинството во парламентот ги менува членовите на овие тела, Димитровска одговара дека се во тек и покрај тоа што предлог-измените не се доставени до ДКСК.
„Во тек сме со овие активности коишто се преземаат од предлагачите како и од законодавниот дом. Сепак, спроведуваме анализи, на став сме дека во ниеден закон не смее да постои дискриминаторен услов како посебен услов да бидеш избран за член на некоја соодветна комисија. Предлог-измените на овој закон не беа доставени до ДКСК од страна на предлагачот, не е спроведена антикорупциска проверка на легислативата. Меѓутоа, ќе ги следиме овие активности, доколку се констатира дека постојат ризици од корупција, ќе биде известена и Владата“,
вели претседателката на ДКСК.
Платформата за граѓански организации за борба против корупцијата за изгласаните измени и дополнувања, како и за предлозите за нови измени на законите со кои предвреме се прекинува мандатот на членовите и на претседателите на независни и самостојни државни органи, реагираше дека се стекнува впечаток оти целта на измените е да се изберат нови состави по мерка на владата на Христијан Мицкоски.
„Бараме од пратениците да не ги гласаат предложените измени на Законот за јавни набавки и да се отвори широка јавна расправа во која темелно и непартиски ќе се бараат решенија за подобрување на работењето на овие и други независни институции“,
реагираше Платформата.
Прашан за коментар на реакцијата на невладините здружени во Платформата, Мицкоски рече дека на состанокот што пред извесно време го имаше со граѓанскиот сектор, еден од претставниците на Платформата го критикувал начинот на кој досега функционирале овие комисии, како и луѓето што ги водат.
„Сега ние правиме реформа. Кога правиме реформа, сега велат зошто ги менувате луѓето? Ајде да избереме, за што сме? Да продолжиме како досега или да ги смениме работите? Вие велите дека ова досега не е добро. Вие велите дека има најголем број тендерски постапки со една фирма. Вие велите дека има тендерски постапки што завршуваат во преговарање во четири очи. Ако тоа не е добро, ајде тогаш да направиме промена, па да видиме како ќе биде“,
изјави Мицкоски.
