„Уставниот суд одлучи за 100 дена Влада да ги извади на површина проблемите што таму седат со години. Тоа се проблеми што треба да се решат. Етничката припадност е уставна категорија, па затоа треба да има и нов закон“, рече министерот за здравство, кој е дел од владејачката коалиција „Вреди“
Етничката припадност е уставна категорија, па затоа е потребен и нов закон, со кој ќе се предвиди не само етничката застапеност, туку и застапеност на сите категории луѓе што живеат во државата. Со тоа ќе има правична застапеност во институциите на системот. Ова денеска на прес-конференција по повод одбележувањето на Светскиот ден на менталното здравје го изјави министерот за здравство Арбен Таравари, кој е дел од владејачката коалиција „Вреди“, коментирајќи ја вчерашната одлука на Уставниот суд за укинување на „балансерот“, алатката за вработување во државните институции според национална припадност.

„Уставниот суд одлучи за 100 дена Влада да ги извади на површина проблемите што таму седат со години. Тоа се проблеми што треба да се решат. Етничката припадност е уставна категорија, па затоа треба да има и нов закон. Законот е готов од наша страна, сега очекуваме мислења од меѓународни експерти и од Европската комисија. Се надевам дека набргу ќе го процесираме законот во парламентот“,
рече тој.
Уставниот суд вчера на седница одлучи да го укине „балансерот“ – алатката за вработување според национална припадност во државните институции.
Првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџети вчера најави дека коалицијата „Вреди“ како партнер во Владата ќе понуди нацрт-законско решение кое ќе го замени т.н. „балансер“, алатката за вработување според национална припадност во државните институции.
Од Демократската унија за интеграција (ДУИ) вчера оценија дека со одлуката на Уставниот суд се задава тежок удар врз Уставот, врз Охридскиот рамковен договор и врз мултиетничката стабилност во државата.
Оттаму посочија дека декларирањето на етничката припадност е неотуѓиво право и неопходен елемент за обезбедување праведна застапеност на сите заедници, а одлуката на Уставен ја елиминира можноста јавните институции да ја отсликуваат мултиетничката структура на земјата.