Со оваа одлука, велат од Алијанса, се докажала и покорноста и сервилноста на партиите на Албанците во Владата кон ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ и вицепремиерот и министер за односи меѓу заедниците, Иван Стоилковиќ кои „уште од првите денови на новата Влада почнаа со реализација на проектот за деалбанизација на државата“
Одлуката на Уставниот суд за укинување „балансерот“ е само потврда за антиалбанската политика на нелегитимната Влада, се вели во реакцијата на Алијанса за Албанците на Зијадин Села по денешната одлука на Уставен да ја укине алатката за вработување според национална припадност во државните институции.

Со оваа одлука, се додава во соопштението на Алијанса, која е дел од опозицискиот „Европски фронт“ предводен од ДУИ, се докажала и покорноста и сервилноста на партиите на Албанците во Владата кон ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ и вицепремиерот и министер за односи меѓу заедниците, Иван Стоилковиќ. Тие, како што се наведува во реакцијата, уште од првите денови на новата Влада почнале со реализација на „проектот за деалбанизација на државата“.
„Покорувањето на вазалите во оваа Влада ги надмина дури и очекувањата на нивните господари. Времената мерка воведена пред неколку недели беше само мерење на пулсот, дали ќе има реакција и последици од албанските партнери во Владата. Но, неодговорното однесување и често образложението на одлуката, од страна на претставниците на ВЛЕН, ги тешеше сите заинтересирани фактори за укинување на „балансерот“,
се наведува во соопштението од Алијанса за Албанците на Зијадин Села.
Вонредна прес-конференција пред Уставниот суд за вечерва во 20:30 часот преку соопштение најавија од Демократската унија за интерграција, на која извесно е дека тема ќе биде укинувањето на „балансерот“.
Првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџети, пак, најавува дека коалицијата „Вреди“ како партнер во Владата ќе понуди нацрт-законско решение кое ќе го замени т.н. „балансер“.
Евиденција или регистар за етничка припадност во јавната администрација, на нотар заверена етничка припадност на кандидатот при вработување, бонус бодови за кандидатот со етничка припадност кој ѝ е потребен на институцијата, се дел од предлозите кои „Вреди“ ќе ги понуди во нацрт-законот, вели Меџити за „Слободен печат“.
Првиот вицепремиер тврди дека заедно со владиниот партнер (ВМРО-ДПМНЕ) заеднички констатирале дека треба да се води грижа и за квалитетот на кандидатите за вработување во јавната администрација, но и за правичната застапеност.
Уставниот суд на денешната седница одлучи да го укине „балансерот“ – алатката за вработување според национална припадност во државните институции.
Образложувајќи ја одлука, претседателот на Уставен, Дарко Костадиновски на прес-конференција рече дека таа е донесена со мнозинство гласови и оти нема да важи ретроактивно.
Тој како лага и манипулација го оцени тврдењето дека Уставниот суд укинува права на заедниците со одлуката за укинување на „балансерот“.
Предметот во Уставен беше оформен по иницијатива поднесена од стариот состав на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), бидејќи оттаму сметаа дека преку алатката се прават злоупотреби при вработувањата по етнички клуч.