Премиерот Оливер Спасовски денеска го одржа третиот состанок со членовите на Економскиот совет, експерти, гувернерката на Народната банка, претставници на коморите и синдикални претставници.
На состанокот, како што соопшти владината прес-служба, е разговарано за третиот сет економски мерки што е предвидено да ги донесе Владата.
Премиерот Спасовски, како што се наведува, истакна дека третиот сет мерки има за цел поддршка и на граѓаните и стопанството.
На средбата е разговарано за актуелната економска состојба во време на здравствената криза, за досегашната поддршка во економијата со претходните два сета економски мерки, за новите потребни мерки и за проекциите за можна ревитализација на економски план.
Разменетите мислења, сугестии, предлози околу новите мерки како државна помош во економијата, како што е најавено, ќе бидат земени предвид при финализирањето на новиот сет економски мерки.
Покрај Спасовски, на состанокот присуствувале и вицепремиерите Мила Царовска и Бујар Османи, министерите за финансии Нина Ангеловска, за економија Крешник Бектеши, за земјоделство Трајан Димковски, за транспорт и врски Горан Сугарески, за животна средина Насер Нуредини и заменик-министерката за финансии Ширет Елези.
Според претседателот на СДСМ Зоран Заев, третиот економски пакет предвидува 500 милиони евра помош за граѓаните, како и мерки за стимулирање купување домашни производи, посета на домашни туристички капацитети, унапредување на ИТ секторот и земјоделството преку градење откупни пунктови…
