Откако не успеа да издејствува оставка од техничкиот министер за внатрешни работи, како чин на морална одговорност, владејачката партија реши да побара кривична одговорност за литијата во Струга
Кривична пријава против министерот за внатрешни работи Наќе Чулев, поради неисполнување на службената должност за време на литијата во Струга, најави претседателот на СДСМ Зоран Заев.
„СДСМ ќе поднесе кривична пријава против Чулев, затоа што не ги исполни очекувањата како министер. МВР однапред знаело дека се подготвува овој настан, беа претходница на случувањата, а тоа не смееше да се случи бидејќи има забрана за групирање. Се работи за принцип, санкциите се применуваат за да не се повторат прекршувањата“,
рече Заев во вечерашното гостување на „Топ- тема“ на Телма.
Тој потсети дека СДСМ и премиерот Оливер Спасовски побарале оставка од Чулев, бидејќи тој бил единствено надлежен да ги санкционира случувањата со литијата во Струга.
„Државата не ги затвори верските објекти, туку воведе рестриктивни мерки да не смеат граѓаните да се групираат. Мерките мора да ги почитуваат сите, бидејќи никој не е над законот“,
додаде Заев.
–
