По маратонска дебата, Собранието предмалку ги изгласа новите министри во Владата. На предлог на премиерот Зоран Заев нов министер за локална самоуправа е Горан Милевски – пратеник и претседател на ЛДП, со министерството за земјоделство ќе раководи Трајан Димковски, кој беше шеф на кабинет на досегашниот министер Љупчо Николовски, а нов министер за култура ќе биде Хисни Исмаили од партијата Алтернатива. Досегашниот министер за животна средина од редовите на ДУИ Садула Дураку преминува во министерството за политички систем и односи меѓу заедниците, а неговото столче во ресорот животна средина го добива Насер Нуредини, кој доаѓа од Виена со искуство од банкарско-финансискиот сектор. Премиерот Зоран Заев пред пратениците ги бранеше предложените решенија, а со назначувањето на Нуредини кој не е познат во јавноста, најавува сериозна борба против загадувањето.
*КОИ СЕ МИНИСТРИТЕ ВО НОВАТА ВЛАДА?
„Се работи за наш граѓанин кој има висока едукација во делот нa корпоративното менаџирање, но со посебен фокус на зелена економија. Намерата е да се бориме со загадувањето, пред се загадувањето на воздухот. Нашата намера е да лоцираме десетици милиони евра преку промена на системите на греење, но и во делот на филтрите на индустриските зони, целосно почитување на интегрираните филтри, решение за депониите“, рече Заев.
За Дураку, премиерот уверува дека ќе го реализира концептот „едно општество за сите“.
„Целта е преку еден ваков пристап да направиме и формално заокружување на правниот аспект од Рамковниот договот и конечно да преминеме кон имплементација на едно ново општество, кое го нарековме едно општество за сите. Дураку, како висок преставник на ДУИ има искуство и може да го направи тоа.“

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски во текот нa денешната седница обвини дека власта нема на располагање квалитетен кадар.
„Ние имаме концептуален проблем на една политичка структура која нема реални познавања на темата на која работи, не знае како функционира системот. Затоа, ветувањето за промена на луѓе мене ништо не ми значи. Дајте ми гаранција дека со луѓето кои сега ги предлагате ќе бидете подобри. Немате гаранција господине Заев и целата одговорност ќе биде ваша, оти сте имале шанса“, рече Димовски.

Новите министри стапуваат на функција откако претходно оставки поднесоа досегашниот министер за земјоделство Љупчо Николовски, Асаф Адеми од култура и министерот без ресор Зоран Шапуриќ. Вчера Собранието на предлог на Заев ги разреши досегашните министри: Драган Тевдовски од ресорот финансии, министерот без ресор Хазби Лика, како и Сухејл Фазлиу од позицијата министер за локална самоуправа.
По владината реконстукција со министерството за финансии ќе управува премиерот. Иако не е избран од Собранието, бидејќи Антикорупциската комисија укажа дека функциите премиер и министер се неспојливи, сепак Заев ќе раководи со ресорот финансии, за што се повика на Уставот и на Законот за Влада.
„Имам право да влијаам, да се мешам. Mојата амбиција да раководам со Министерството за финансии додека не се избере министер не е да потпишувам. Амбицијата е да ги максимилизирам моите односи на одговорност преку преземањето крупни одлуки, кои можеби досега никој не ги преземал“, порача Заев.
Смената на министрите, ја разниша и владината коалиција. Вчера лидерот на НДП Весел Мемеди се повлече од пратеничката функција и најави неотповикливи оставки на сите функционери од неговата партија. Мемеди предупреди дека разрешувањето на Сухејл Фазлиу, единствениот министер од неговата партија, води кон целосно напуштање на НДП на владејачкото мнозинство. Од ДУИ му порачаa на Мемеди да ја преиспита одлуката.
*поврзана вест: НДП на Весел Мемеди ја напуштa власта