Претседателот на НДП, Весел Мемеди, се повлекува од функцијата потпретседател на Собранието и најавува дека сите функционери од неговата партија ќе поднесат неотповикливи оставки. Потегот на Мемеди следува откако премиерот Зоран Заев поднесе предлог до Собранието за разрешување на Сухејл Фазлиу од НДП од функцијата министер за локална самоуправа.
„Денес ќе ги поднесеме нашите неотповикливи оставки од сите директорски места, управни одбори, а кулминацијата на оваа возвишена вредност е повлекување од функцијата потпретседател на Собранието, како и предавање на пратеничкиот мандат во Собранието на Република Северна Македонија“, изјави Мемеди на прес-конференција во Собранието.
Весели вели дека ова води кон целосно напуштање на НДП на владејачкото мнозинство во Собранието.
„Ако коалиционите партнери СДСМ и ДУИ посакуваат и понатаму да го продолжат нашиот заеднички пат кон заокружување на финалните цели, со најкоректниот и најчесниот партнер што некогаш го имале -НДП, тогаш СДСМ треба да го повлече предлогот за разрешување на нашиот министер, а другиот коалиционен владин партнер ДУИ, да не гласа за разрешување на нашиот министер“, порача Мемеди.
Според Мемеди, некој темпирал игра против министерот Фазлиу, а на чело на, како што рече, ова оро стои најблискиот соработник на премиерот – „некој си Кирил Парталов, државен секретар во Министерството за локална самоуправа“.
На чело на министерството за локална самоуправа по предлог на Заев треба да застане Горан Милевски од ЛДП. Весели вели дека „нема мандат да прави пазар во име на Албанците и да го препушти министерство на коалициониот партнер на СДСМ“.
„Немам никаково морално право, ниту друго право, да жртвувам чесна и способна фигура, како што е мојот министер Сухејл Фазлиу, зад кој стои тивка национална и верска елита. Сите чисти, искрени луѓе во него гледаат симбол на чистота, способност, професионализам и храброст, за да води во иднина, така како што посакува некорумпираниот народ, кој доаѓа од семесјство што дало и жртвувало многу за граѓаните на оваа земја, без оглед на нивната етничка и верска припадност“, изјави Мемеди.
Весели тврди дека без пошироки консутлации премиерот Зоран Заев директно му се јавил за во последен момент да се обиде да договори отстапување на министерството.
Тој уште вчера побара премиерот Заев да ја преиспита одлуката за смена на министерот за локална самоуправа, укажувајќи дека тие не биле консултирани за овој потег.