„Помири се, опозиција си, а дел од твоите најблиски соработници треба да се свесни за тоа што го правеа, а за тоа што го правеа има институт што се вика одговорност. Ти ветив и ти ветувам, ќе ти помогнеме да ја исчистите ДУИ од таквите криминални структури“, рече премиерот на конференцијата на Унијата на млади сили во Охрид
Реформирано ДУИ е важно за татковината, исчисти ги криминалците од твоите редови, ние ќе ти помогнеме во тоа оти ова е наша заедничка татковина – ова е само дел од пораката која премиерот Христијан Мицкоски денеска ја испрати кон лидерот на Демократската унија за интеграции, Али Ахмети, од Охрид.

Во својот говор, Мицкоски рече и дека лидерот на ДУИ, кој долги години беше дел од власта, треба да се помири со фактот дека се наоѓа во опозиција, но и дека треба да ги надмине дневните и теснопартиските политики, односно дека не е добро секогаш кога се наоѓа во опозиција да започнува да говори за етнички теми, а кога ДУИ е дел од власта да се ребрендира во „зелена“ партија.
„Дали гледаш колку Албанци дневно се иселуваат? Куќите во твојот Зајас зеат празни, за 20 години повеќе од 100 000 Албанци се иселија од државата. Чија одговорност е тоа? Немам време за јавни надмудрувања, да си дофрлуваме и да подгреваме тензии. Знам дека ти одговара да влегуваш во конфликти со мене и со ВМРО-ДПМНЕ, но тоа е дневна, теснопартиска политика. Надмини го тоа, придонесете со предлози и проекти“,
рече Мицкоски.
Премиерот вели дека Ахмети треба да покаже дека ја почитува Македонија, но и дека дел од неговите најблиски соработници треба да бидат свесни за криминалите во кои учествувале и оти за се она што било направено ќе следува одговорност.
„Неспороно е дека дел од Албанците го почитуваат Ахмети, но зошто да не ја заслужи почитта и од Македонците? Покажа визионерство за некои работи, но треба да покаже визионерство и преку проекти, идеи и визии. Треба да покажеш дека ја почитуваш Македонија. Ти ветив и ти ветувам, ќе ти помогнеме да ја исчистите ДУИ од таквите криминални структури“,
изјави Мицкоски.
Мицкоски упати пораки и до останатите опозициски партии на кои им порача дека е потребно заедно да работат кон надминување на поделбите и наместо дополнително да се полазириза општеството, потребно е обединување преку дебати за идеи и проекти.
„Надминете го тоа, суетата и потребата се да се критикува по секоја цена. Еве, за почеток, поддржете ги мерките за младите, понатаму предложете и вие ваши мерки. Ако постои можност, ви ветувам дека ќе ги прифатиме“,
заклучи премиерот.
