Дрогата била пронајдена во возило управувано од 53-годишен жител на струшкото село Калишта
Полициски службеници од ОВР Демир Хисар во текот на вчерашниот ден во близина на селото Сладуево во Демир Хисар, при преглед на патничко моторно возило „ауди“ со струшки регистарски таблички кое било управувано од 53-годишниот Е.Е. од селото Калишта, Струшко пронашла 50 килограми марихуана.
Потврда за настанот пристигна и од Основното јавно обвинителство Битола од каде е донесена Наредба за спроведување истражна постапка против лицето за кого постои основано сомнение дека сторило кривично дело – Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од член 215 став 1 од Кривичниот законик.
„Осомничениот, на 4 октомври, во близина на Сопотница, со автомобил „ауди” не застанал на даден знак – стоп од полициски службеници од Демир Хисар кои вршеле сообраќајна контрола на возила и возачи. Со голема брзина се упатил кон крстосницата за Крушево, застанал на коловозот, излегол од возилото и започнал да изнесува наркотична дрога од возилото покрај патот. Полицајците го затекнале и од него одзеле околу 51 килограм наркотична дрога марихуана спакувана во повеќе пакувања“,
велат од ОЈО.
Во близина на граничниот премин Блаце при влез во земјава, во друга полициска акција се пронајдени околу 36,5 килограми издробени вршунки од канабис спакувани во четири големи куфери. Основното јавно обвинителство Скопје за овој случај ќе поведе постапка против скопјанец кој управувал со возилото.
За двајцата осомничени надлежните јавни обвинители доставија предлози за определување мерка притвор.
