Министерот апелираше граѓаните да внимаваат со секои потенцијални инвестиции на социјалните мрежи кои најчесто завршуваат како класични измами
Досега до Министерството за внатрешни работи нема пристигнато пријава поврзана со апликацијата „Конти“ за која се говори дека е измама во која граѓаните вложувале неколку илјади евра кои никогаш не ги добиле за возврат, ова денеска на прес-конференција на која даде отчет за сработеното во изминатите 100 дена го изјави министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски.
Тој порача дека секој кој бил измамен и бил жртва на овој потенцијално кривичен правен настан треба да се обратат до МВР за да се истражи случајот во целост.
„Според информациите од утринава, кривична пријава официјално не е поднесена, но изразувам оргомна загриженост за ваков пирамидален инвестициски финансиски потенцијален криминал што се случува по не знам кој пат во земјава. Од службите бев информиран дека многу слична апликација за измама била констатирана и во 2022 година. И тогаш е упатен апел граѓаните особено да внимаваат кога станува збор за вакви потенцијални инвестиции кои најчесто завршуваат како класични измами. И сега апелирам, граѓаните особено да внимаваат на вакви инвестициски вложувања, да се консултираат со експерти од областа“,
рече Тошковски.
На новинарско прашање колку Албанци се вработени во управувачките позиции во Министерството за внатрешни работи, Тошковски одговори дека според него работите не треба да се гледаат од аспект на етнички предзнак, туку согласно професионалните стандарди и потребите на граѓаните, а притоа од својот мобилен телефон читаше податоци и конкретни бројки за етничката застапеност во поединечните сектори на МВР.
„Во рамки на управните служби во Скопје 51,96 отсто се Македонци, 39,37 се Албанци, а 8,67 проценти се од друга националност. Во ОУР Тетово има 23,6 отсто Македонци, 66,29 проценти Албанци, а во ОУР Куманово 52,83 отсто Македонци, 45,28 отсто Албанци и 1,89 други националности“,
кажа Тошковски.
Тошковски на прес-конференцијата рече и дека по 24 години ќе се отвори ново средно полициско училиште и дека ќе се реновира Центарот за обука во Идризово за што се наменети три милиони евра.
