Владата на Босна и Херцеговина денеска прогласи состојба на природна катастрофа поради поплавите и свлечиштата што погодија дел од Федерацијата Босна и Херцеговина – Јабланица, Коњиќ, Кисељак, Фојница, Крешево и други места
Бројот на загинатите во катастрофалните поплави што го погодија подрачјето на Јабланица се искачи на 16, со што вкупниот број на загинати во Босна и Херцеговина изнесува 18, пренесува босанскиот Н1.
Информацијата за медиумот ја потврдил портпаролот на Министерството за внатрешни работи на Херцеговско-неретванскиот кантон (ХНК), Људевит Мариќ, според кого попладнево биле пронајдени уште две лица во Јабланица кои биле починати.
Од Министерството за внатрешни работи на Херцеговско-неретванскиот кантон не можеле да потврдат по колку лица се трага.
Претходно од Кантоналната управа за цивилна заштита на СБК потврдиле дека три лица се загинати на подрачјето на Фојница како последица на страшните поплави што ја погодија Босна и Херцеговина.
Владата на Босна и Херцеговина денеска прогласи состојба на природна катастрофа поради поплавите и свлечиштата што погодија дел од Федерацијата Босна и Херцеговина – Јабланица, Коњиќ, Кисељак, Фојница, Крешево и други места.
Најголем дел од патиштата на подрачјето на Јабланица се непроодни, а поширокото подрачје на Коњица е изолирано, а со чамци што ги користат припадниците на вооружените сили на Босна и Херцеговина и Цивилната заштита се евакуираат жителите додека повредените со хеликоптер се префрлаат во болниците.
At least 14 people died, and others are missing in Bosnia and Herzegovina after heavy rain and landslides destroyed homes, roads, and bridges. The municipality of Jablanica, southwest of Sarajevo, was completely cut off.pic.twitter.com/8aBwt4cqRn
— Volcaholic 🌋 (@volcaholic1) October 4, 2024
Вицепремиерот Војин Мијатовиќ на вонредна прес-конференција на Владата на Федерацијата БиХ во Сараево рече дека има 14 жртви и упати апел да не се шпекулира за бројот на исчезнати.
„Во овој момент во загрозените подрачја се работи на проодност и расчистување на патишта, за да можат спасувачките служби да стигнат до настраданите. На денешната вонредна седница задолжени се единиците за спасување на вода на Федералната управа за цивилна заштита“,
рече тој.
Мијатовиќ информира дека е формиран Кризен штаб кој ќе координира со Федералната управа за цивилна заштита.
Општата болница во Сараево ги стави на располагање своите капацитети за пациентите во поплавените подрачја.
„Пациентите на кои им е потребна медицинска помош ќе бидат згрижени во оваа здравствена установа без упат се додека тоа е потребно“,
вели проф. д-р. Исмет Гавранкапетановиќ, директор на таа болница.
Поради поплавите по обилните врнежи, Јабланица е целосно блокирана, поплавени се куќи, патиштата се блокирани, а делумно се прекинати и телекомуникациските мрежи.
Од фотографиите што ги пренесуваат босанските медиуми може да се види дека во делови од земјата од поплавата урнати се куќи, има пропаднат пат во река, оштетени се пруги.
Oštećena pruga u dužini od 17 kilometara nakon poplava u Jablanici pic.twitter.com/MNtx1pqYUh
— Vijesti.ba (@Vijesti_ba) October 4, 2024
Министерот за надворешни работи Елмедин Конаковиќ ја посети Долна Јабланица и рече дека тоа е една од најлошите сцени што ги видел во животот.
„Едниот дел од населбата е целосно под вода, а другиот дел од населбата е под камења кои се паднати од каменоломот. Ова е нешто што е навистина нереално. Искрено, не очекувам да има живи луѓе под тие урнатини. Единствено не се знае дали некој бил во тие куќи. Специјалната единица на Федералната полиција е во состојба на шок, многумина ги загубија своите семејства. Навистина неверојатна и тешка ситуација“,
изјави Конаковиќ пренесува „Дневни аваз“.
Како што пренесува N1, хеликоптер на ЕУФОР оперирал во реонот на Долна Јабланица, а од урнатините биле извлечени дете и жена.
Вооружените сили на Босна и Херцеговина испратија неколку екипи на местата погодени од поплави и одрони. Во операцијата за спасување учествувале хеликоптер, инженерски машини и пешадиски единици на вооружените сили на Федерацијата Босна и Херцеговина.
Според N1, вооружените сили се обидуваат да им пријдат на погодените подрачја од три правци и да му помогнат на населението загрозено од поплавите. Во спасувачката акција се вклучени екипи со машини за расчистување, спасувачки единици кои трагаат под урнатините предизвикани од поплавите.