„Па добро сега, мора и Венко Филипче нешто да каже“, рече, меѓу другото, премиерот за вчерашниот повик на лидерот на СДСМ за свикување затворена седница за евроинтерацискиот процес
Премиерот Христијан Мицкоски најави дека многу брзо од денеска Владата ќе има конкретна позиција во врска со предлогот на лидерот на СДСМ, Венко Филипче, со кој опозициската партија бара власта да одржи затворена собраниска седница на која ќе ги презентира планот и следните чекори во врска со евроинтеграцискиот процес.

„Па добро сега, мора и Венко Филипче нешто да каже, тој одбрал тоа да го каже. Во ред, ќе го анализираме предлогот на Филипче и многу брзо од денеска ќе дадеме конкретна позиција во врска со овој предлог“,
изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски.
Премиерот Христијан Мицкоски вчера доби јавен повик од пратеникот и лидер на СДСМ, Венко Филипче, да свика собраниска седница од затворен тип и на неа владејачкото мнозинство да објасни дали и каков план има за продолжување на евроинтеграцискиот процес. Доколку Мицкоски не го стори тоа, како што рече Филипче, тогаш таква седница ќе иницира пратеничката група на СДСМ во Собранието.
Говорејќи за евроинтеграциите на земјава, во интервју за Канал 5 премиерот вчера изјави дека не би му паднало на памет да дава гаранции за нешто што не е сигурен дека ќе го испорача, оценувајќи дека поранешниот државен врв не ги испорачал ветувањата за усвојувањето на уставните измени, како што ветувал пред челниците на ЕУ.
