На прашањето на „360 степени“ дали може на увид на јавноста да ѝ стави документ од бугарските власти со кој ќе потврди дека веќе не е бугарска државјанка, министерката за енергетика од редовите на ВМРО-ДПМНЕ одговори дека за тоа ќе мора да се консултира со адвокатите. Ист одговор добивме и на прашањето дали сè уште има бугарска самосвест
Ќе се консултирам со адвокатот. Ова е одговорот што „360 степени“ го доби од министерката за енергетика Сања Божиновска на денешната прес-конференција во Владата на неколкуте прашања за нејзиното бугарско државјанство.
„360 степени“ во јуни годинава објави дека Божиновска поседува бугарско државјанство и дека со бугарски пасош ја раководела компанијата „Руднап“ во Хрватска. А, за да се добие бугарско државјанство, барателот треба да се декларира дека се чувствува како Бугарин пред тамошните власти и да ги наведе своите бугарски корени.
На прашањето на „360 степени“ дали поседувала или дали во моментот поседува бугарско државјанство и зошто не го декларирала во биографијата приложена кон предлогот за состав на новата влада, Божиновска во јуни ни одговори:
„Што се однесува до вашите конкретни прашања, во мојата официјална биографија е јасно наведено дека сум македонска државјанка и дека поседувам и чешко државјанство. Во врска со тврдењата за бугарско државјанство, сакам да нагласам дека не поседувам бугарско државјанство и сите релевантни информации се транспарентно наведени во мојата биографија“.
Но, во одговорот таа не кажа дали во минатото го поседувала. „360 степени“ направи дополнителни проверки кои покажаа дека Сања Божиновска побарала отпуст од бугарско државјанство во втората половина на минатата година и дека процедурата сè уште не е завршена. Логично, тоа би значело дека Божиновска сè уште е државјанка на Република Бугарија.
Дали сè уште поседува бугарско државјанство – е првото прашање што и го поставивме денеска на Божиновска. Откако негодуваше зошто се поставува прашање „нерелевантно за темата на прес-конференцијата“, таа одговори:
„Јас поседувам македонско и чешко државјанство. Имам и македонски пасош и чешки пасош“.
Со оглед дека повторно децидно не одговори, ја прашавме дали може да стави на увид на јавноста документ од бугарските власти со кој се потврдува дека е прифатено нејзиното барање за отпуст, односно дека веќе не е бугарска државјанка.
„Ќе проверам со адвокатите и ќе ве известам“,
рече таа.
Но, за да се добие бугарско државјанство, како што е познато, барателот треба да се декларира дека се чувствува како Бугарин односно Бугарка и дека има бугарски корени. Па, ја прашавме министерката Божиновска дали сè уште има бугарска самосвест.
Божиновска: За тоа прашање ќе морам да се консултирам со адвокатите. Они ја водеа таа процедура и тоа беше многу одамна.
360°: И за вашата самосвест?
Божиновска: Значи, тоа беа изјави за кои сега не се сеќавам. Тоа беше многу одамна. Не го водев јас процесот, значи. Го водеше адвокатска канцеларија.
Во изјава за ТВ Канал 5, објавена исто така во јуни годинава, Божиновска призна дека имала бугарски пасош и дека имала бугарско државјанство од кое побарала отпуст, процедура која, според неа, е финализирана. Но, таа не одговорила и дали добила решение за отпуст од државјанство, без што, формално и натаму е бугарска државјанка.