Демонстрантите маршираа низ центарот на градот и се собраа пред парламентот носејќи транспаренти како „Нема коалиција со нацистите“
Илјадници луѓе вчера излегоа на улиците на Виена за да протестираат против можното вклучување на екстремно десничарската Партија на слободата на Австрија (ФПО) во владата.
Организаторите тврдат дека се собрале околу 25 000 луѓе, а полицијата не излезе со официјална бројка.
Популистичката ФПО победи на парламентарните избори во Австрија во неделата со околу 29 отсто од гласовите.
Повеќето други политички партии ја отфрлија идејата за формирање коалиција со десничарските популисти.
Mass protest against the far right here in Vienna pic.twitter.com/ApDJnbWmiM
— Owen Jones (@owenjonesjourno) October 3, 2024
Конзервативната Австриска народна партија (ОВП), предводена од канцеларот Карл Нехамер, изрази подготвеност за соработка под услов лидерот на ФПО, Херберт Кикл, познат по својата екстремна реторика, да нема владини функции.
Кикл, сепак, се стреми кон канцеларската функција.
Демонстрантите маршираа низ центарот на градот и се собраа пред парламентот носејќи транспаренти како „Нема коалиција со нацистите“.
Еден плакат го прикажувал Кикл како марионета на конец контролиран од рускиот претседател Владимир Путин. Кикл е обвинуван за проруски ставови.
ФПО, со која раководи Херберт Кикл, својата реторика ја базира на стравовите на гласачите поврзани со имиграцијата, инфлацијата и Украина за да ја засили својата популарност.
Кикл, кој е поранешен министер за внатрешни работи, за себе го користеше терминот „volkskanzler“, или канцелар на народот, што го користеле нацистите за да го опишат Адолф Хитлер во 1930-тите години, иако самиот Кикл ја отфрла споредбата.
Кикл сериозно се наметна во јуни, кога Партијата на слободата тесно победи на национално ниво по првпат на изборите за Европскиот парламент.
Во својата изборна програма, Партијата на слободата повика на „ремиграција на непоканети странци“ и за постигнување похомогена нација со строга контрола на границите и суспендирање на правото на азил преку „закон за вонредни состојби“.
Партијата на слободата, исто така, повикува на прекин на санкциите против Русија, а е многу критична кон западната воена помош за Украина и сака да отстапи од Европската иницијатива за небесен штит, проект за ракетна одбрана што го започна Германија.
Австрискиот претседател Александар Ван дер Белен денеска треба да започне разговори со сите партиски лидери, почнувајќи од Кикл.