Доколку премиерот не го стори тоа, како што рече, тогаш таква седница ќе иницира пратеничката група на СДСМ во Собранието, на која, додаде Филипче, владејачкото мнозинство ќе треба да објасни дали и каков план има за продолжување на евроинтеграцискиот процес
Премиерот Христијан Мицкоски да свика затворена собраниска седница за следните чекори за евроинтегративниот процес, повика вечерва лидерот на СДСМ, Венко Филипче, во интервју за ТВ 21.
Доколку Мицкоски не го стори тоа, како што рече, тогаш таква седница ќе иницира пратеничката група на СДСМ во Собранието, на која, додаде Филипче, владејачкото мнозинство ќе треба да објасни дали и каков план има за продолжување на евроинтеграцискиот процес.
„ВМРО-ДПМНЕ и целокупното владино мнозинство има обврска да каже како по тој пат понатаму. Очигледно е дека нивниот стратегиски партнер Унгарија кажа дека не може да се меша и дека не може да помогне повеќе, така што Владата има одговорност. Сметам дека премиерот има голема обврска, сега треба да го каже неговиот план и да го каже планот на Владата. Како ќе продолжиме, имаат ли план во која временска рамка ние ќе го направиме тоа. Размислуваат ли можеби да сме дел од некој друг сојуз, размислуваат ли да нè остават да сме слепо црево во Балканот и да нè остават да живееме сами, изолирани и без помош“,
рече Филипче, додавајќи оти власта нема екслузивно право да го крие планот и идните чекори од јавноста.
Во интервјуто, Филипче потенцира оти ВМРО-ДПМНЕ дошла на власт со ветувања дека ќе ја подобри преговарачката позиција со ЕУ, но дека спротивно на тоа, ги влошила односите со соседите.