„Нема да дозволиме овие неправди да поттикнат евроскептицизам или да создадат наративи за жртвување“, рече шефот на македонската дипломатија од обраќањето на Парламентарното собрание на Советот на Европа и додаде оти Владата ќе продолжи во борбата за заслуженото место на земјава во Европа
Евроинтегративниот процес на земјава е сè уште попречен од пречки кои изгледаат сè повеќе неправедни, што не само што ја тестира отпорноста на институциите туку и трпеливоста на народот, порача шефот на македонската дипломатија Тимчо Муцунски во своето обраќање од есенската сесија на Парламентарното собрание на Советот на Европа во Стразбур.

„Замислете го разочарувањето на една нација која направила сè што е побарано од неа, само за да ѝ се каже дека целта е сè уште недостижна. Како да се задржи надежта кога чувствувате дека самите принципи на Европската Унија – солидарност, правда и единство – се применуваат нерамноправно. Нема да дозволиме овие неправди да поттикнат евроскептицизам или да создадат наративи за жртвување“,
порача Муцунски.
Наместо тоа, како што рече, водени од вербата дека правдата на крајот ќе победи, ќе продолжи борбата за заслуженото место на земјава во Европа. Додаде дека Владата останува посветена на вредностите што ги претставува Европа и ќе продолжи да се залага за транспарентен и процес заснован на меѓусебна почит.

„И покрај сите предизвици на патот кон членството во ЕУ, комплетирањето на проектот за европско интегрирање за нас е неминовно, а брзината на овој процес во голема мера зависи од предвидливоста и кредибилноста на ЕУ-пристапниот процес“,
нагласи Муцунски во своето обраќање.
Министерот ја истакнал важноста на Советот на Европа и нејзините правни инструменти и мониторинг-механизми за надминување на сите актуелни предизвици со кои се соочува светот, со посебен акцент на нивното влијание врз човековите права, демократијата и владеењето на правото. Во тој контекст, ја нагласил улогата на Европскиот суд за човекови права во Стразбур и важноста на зајакнување на системот на Европската конвенција за човекови права, особено имплементацијата на неговите пресуди од страна на земјите членки.
