Мажот, наводно студент по медицина, немал температура, но неговата девојка почнала да повраќа во возот. Германскиот портал „Моргенпост“ пишува дека двојката во средата наутро директно од Руанда пристигнала со авион, пренесува Дневник.хр
Дел од железничката станица во Хамбург вчера попладне била опколена од полиција откако со воз од Франкфурт пристигнал брачен пар за кој се стравувало дека е заразен со многу опасен и смртоносен вирус.
Полицијата ја опколила платформата, а лекарите со полна опрема се качиле во возот и го префрлиле младиот пар во болница. Другите патници биле евакуирани.
Мажот, наводно студент по медицина, немал температура, но неговата девојка почнала да повраќа во возот. Германскиот портал „Моргенпост“ пишува дека двојката во средата наутро директно од Руанда пристигнала со авион, пренесува Дневник.хр.
Портпаролот на противпожарната служба во изјава за таблоидот „Билд“ рекол дека 26-годишникот и неговата девојка, за време на патувањето, развиле симптоми слични на грип. Тој, исто така, рекол дека двајцата лекувале маж во Африка за кој подоцна било потврдено дека е заразен со вирусот марбург.
Студентот и неговата девојка биле пренесени во Универзитетската болница „Епендорф“, специјализирана за тропски болести. Нивниот багаж бил одземен.
Руанда моментално се бори со појава на вирусот марбург, кој досега однесе осум животи, пишува Би-би-си.
Вирусот марбург се пренесува преку изложување на овошни лилјаци, но може да се пренесе и од човек на човек преку телесни течности, крв и секс без заштита.