Властите соопштија дека две лица загинале, две се водат за исчезнати, а повеќе од 100 се повредени
Тајфунот Кратон денеска го погоди јужниот дел на Тајван, кој со денови се подготвуваше за тој удар. Силниот тропски циклон уби две лица, а повреди повеќе од 100.
На тајфунот му претходеа силни ветришта со брзина од 126 км/ч, со налети до 162 км/ч и силен дожд.
Тајфунот Кратон навлезе на копно во близина на областа Ксиаоганг во Каосиунг околу 12:40 часот (6:40 часот по средноевропско време) на југот од островот, соопшти Централната тајванска метеоролошка управа (ЦВА).
Училиштата и канцелариите на островот се затворени од средата, а жителите на јужниот пристаништен град Каосиунг беа повикани да се евакуираат. Тајфунот донесе обилни дождови и силен ветер.
Властите соопштија дека две лица загинале, две се водат за исчезнати, а повеќе од 100 се повредени.
Тајфунот Кратон го наруши воздушниот сообраќај, поради што во четвртокот, втор ден по ред, беа прекинати сите домашни летови.
Тајфунот предизвика и привремени прекини на струја во речиси 55 000 домови.