„Страшно е што има многу малолетници што се вклучуваат на овие игри на среќа. Ниту се знае дали користат туѓи лични карти, па се пријавуваат за да играат, ниту се знае колку средства користат, каде се излеваат тие средства и каде понатаму се користат. Не се знае дали се за финансирање на некои други нелегални активности. Ова е болест на македонското општество. Затоа справувањето со ова ќе биде наша примарна задача“, вели министерот за дигитална трансформација
Забрана на веб-страниците што приредуваат нелегални онлајн игри на среќа е една од примарните задачи со кои Владата ќе се справува во наредниот период. Ова денеска го соопшти министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски и посочи дека на оваа тема веќе е одржан состанок со Агенцијата за електронски комуникации, со Марнет, со претставници на телеком операторите и директорот на Лотарија, на кои се утврдени чекорите за справување со нелегалното онлајн коцкање.
„Првата фаза е забрана на домените со точка мк (.мк), што приредуваат нелегални онлајн игри на среќа, зашто се во спротивност со Законот за организирање игри на среќа. Во втора фаза разговаравме за начините за забрана на странски домени што се присутни на македонскиот пазар, а кои нелегално приредуваат игри на среќа. Нелгалноста на овие веб-страници е јасна, утврдена со закон, но нивното постоење тука е зашто тие се регистрирани некаде во светот и се лесно достапни за нашите граѓани“,
вели Андоновски.
Посочи дека веќе во „Државната лотарија на РСМ“ се прават табели со веб-страници што се најприсутни кај нас и каде што најмногу се вклучени нашите граѓани, како и на кои веб-страници најмногу се приредуваат нелегални игри на среќа.
„Страшно е што има многу малолетници што се вклучуваат на овие игри на среќа. Ниту се знае дали користат туѓи лични карти, па се пријавуваат за да играат, ниту се знае колку средства користат, каде се излеваат тие средства и каде понатаму се користат. Не се знае дали се за финансирање на некои други нелегални активности. Ова е болест на македонското општество. Затоа справувањето со ова ќе биде наша примарна задача“,
рече тој.
Според него, постојат стотина вакви веб-страници, но кај нас најмногу се користат две од нив.
„Се работи на тоа овие страни прво да се затворат, но тоа ќе биде континуиран процес. Листата треба постојано да се ажурира и да се информира АЕК и телеком операторите. Овие страни се регистрирани во странство и затоа мораме да го забраниме нивниот пристап“,
вели министерот.
Законот за електронски комуникации ѝ дозволува на АЕК да утврди, односно да им препорача на телекомите да забранат пристап до определи веб-страници.
„Тој дел сакаме да го операционализираме, зашто досега не се користел и во наредниот период точно ќе излеземе со тоа какви активности ќе преземеме ние како Министерство, Марнет и АЕК во соработка со телекомите“,
рече Андоновски.
Владата на 24 септември донесе одлука да се запре онлајн коцкањето во земјата. Одлуката на Владата следи откако на почетокот на јули пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и „Вреди“ во Собранието поднесоа барање за автентично толкување на членот 7 став 3 од Законот за игри на среќа и за забавните игри.
Според нив, овој член дозволува Државна лотарија да воспоставува неограничен број на нови трговски друштва за приредување игри на среќа. Целта на нивното барање беше да се обезбеди прецизно толкување – дали одлуката на претходната влада и раководството на Државната лотарија за интернет игрите на среќа има законска основа за носење вакви одлуки.