Мицкоски на денешната прес-конференција одбегна конкретен коментар на изјавите на првиот вицепремиер Изет Меџити, кој вели оти е убеден дека уставните измени ќе се случат до крајот на годината, и на министерот за европски прашања Орхан Муртезани, кој синоќа во интервју за „360 степени“ рече дека во Брисел нема голема надеж за уставни измени со одложено дејство, иако идејата не се отфрла анблок
Да се преговара сè додека не се постигне решение, беше дел од одговорот на Мицкоски на прашањето дали може да открие конкретни детали од предлогот на унгарскиот премиер Виктор Орбан за посредништво на Будимпешта во процесот на решавање на спорот, кој Софија експресно го отфрли
Можам да ја уверам македонската јавност во две работи – да веруваат дека оваа влада нема да направи ништо спротивно на националните интереси и стратешките правци на граѓаните. И втората, дека како Влада нема да отстапиме од нашата втора стратешка цел, а тоа е полноправно членство во Европоската Унија и ако треба, ќе разговараме колку и да е потребно за да дојдеме до договор и компромис којшто е достоен. Ова денеска во своето обраќање на прес-конференцијата по повод 100-те дена од новата влада, го изјави премиерот Христијан Мицкоски.

Темата за евроинтеграциите тој ја смести во оној дел од своето експозе во кој зборуваше за прашањата кои биле дел од јавните критики упатени на адреса на неговата влада во изминатите сто дена.
Првата, како што кажа, е одвојувањето на Албанија во евроинтегративните процеси и обидот на опозицијата да ја префрли вината за ова кон актуелната влада.
Според Мицкоски, и двете стратешки цели – заштита на интересот на граѓаните и интеграцијата на земјата во Европската Унија може да се реализираат заедно и не постои конфликт помеѓу двете.
„И двете можат заедно паралелно да се реализираат. И да се заштити интересот на македонските граѓани, но исто така и да се интегрираме во рамките на Европската Унија, онаму каде што од многу порано ни е местото, но поради причини коишто ѝ се познати на македонската јавноста ние во овој момент не сме таму. Ќе работиме колку и да е потребно довербата којашто ја добивме од вас да ја оправдаме“,
рече Мицкоски.
Сепак, главниот интерес на новинарите присутни во прес-салата на Владата беше како земјата ќе продолжи на патот кон Европската Унија, имајќи го предвид ќорсокакот и различните ставови кои доаѓаа од претставници на Владата во врска со прашањето за уставните измени.
Премиерот беше прашан за коментар на изјавата на опозицискиот СДСМ, која уште пред прес-конференцијата преку писмено соопштение, со доза на иронија наведе дека најголемиот успех во 100-те дена на оваа влада е одлуката да стави крај на преговорите со ЕУ. Тој доби прашање и да го каже својот став во врска со изјавите на првиот вицепремиер и министер за животна средина Изет Меџити и на министерот за европски прашања Орхан Муртезани.
Меџити во синоќешното гостување во „Клик плус“ на ТВ21 рече оти е убеден дека уставните измени ќе се случат до крајот на годината.
„Претходните влади многу зборуваа, но ништо не направија. Помалку зборуваме и мислам дека интензивно работиме на изнаоѓање решенија и придвижување на ова прашање. Убеден сум и секојдневно работиме во оваа насока“,
рече Меџити.

Министерот за европски прашања, пак, во интервју за „360 степени“ емитувано синоќа на МРТ 1, откри дека дека на средбите кои заедно со премиерот Христијан Мицкоски неодамна ги имаа во Брисел со високи претставници на Европската Унија, меѓу кои и со претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, била отворена темата за уставни измени со одложено дејство, но оти од институциите во Брисел не била искажана некоја голема надеж дека таков предлог би поминал, иако не се отфрла анблок.

Мицкоски, на прашањата за коментар на ваквите изјави, одговори само на критиките кои дојдоа од СДСМ, а не и на изјавите на Меџити и на Муртезани.
„Ставот наш поврзан со уставните измени е јасен, познат во јавноста и тука нема што да додадам, ниту да одземам. Тука не треба воопшто било кој да има дилема и впрочем тоа го повторив во ова мое кратко експозе денеска на оваа прес-конференција. Поврзано со ставовите на СДСМ, јас сум навикнат изминативе сто дена да слушам пораки од таму и ставови коишто се прилично дифузни, нејасни, без конкретна анализа, без компаративна анализа, ставови коишто се за дневна политика, збунувачки, без јасна порака и жалам што некогаш најголемата политичка партија, државотворна партија – СДСМ, се претвори во ова што е денеска. Затоа посакувам многу скоро од денеска да излезат од оваа летаргија и агонија во којашто се наоѓаат, да се консолидираат и да бидат конструктивна опозиција бидејќи еден конструктивен, силен, стабилен СДСМ ѝ е потребен на македонската политичка сцена“,
рече Мицкоски.
Сепак, новинарите не застанаа тука. На ново прашање на истата тема, да каже како ќе изгледа надворешната политика на Македонија во однос на евоинтеграциите, сега кога сме одвоени од Албанија и оставени сами, Мицкоски одговори дека „ќе морате да се навикнете на македонски политичари кои не коленичат и кои не го виткаат ‘рбетот“.
„Не сме сами, имаме многу пријатели коишто се дел од европското семејство, продолжуваме да градиме пријатели коишто се дел од европското семејство, а ако мислите дека треба да ги полираме чевлите на некој од политичарите и земјите членки на Европската Унија и дека тоа е начинот и правиот пат, простете, но јас не сум добар соговорник. Со мене може да се разговара само врз основа на аргументи, и јас не сум инаетлив човек, напротив, сум многу конструктивен и секогаш кога аргументите на соговорникот ги победуваат моите аргументи, јас сум подготвен да ги прифатам. Но, за жал во овие повеќе од две деценици, речиси две и пол децении, јас не слушнав ниту еден аргумент зошто ние да не бидеме дел од европското семејство, а слушнавме многу аргументи коишто претставуваат вештачка препрека зошто ние да не бидеме како ниту еден народ којшто денеска е дел од европското семејство, а порано биле дел од Варшавскиот блок. Ние сме тие коишто апсолутно имаат аргументи, а тие се тие коишто немаат аргументи. Не е аргумент ‘тие се таму, вие сте надвор, ако сакате мора да прифатите што сакаат они’. Тоа е диктат. Јас диктати не прифаќам во животот. И тука нема цена“,
рече премиерот.
На новинарска забелешка дека според ова не се гледа извесност кога би можеле да се случат уставните измени и дали за ова разговарал со коалицискиот партнер „Вреди“, Мицкоски рече дека разговараат за многу теми и дека убавината е во различностите, од кои на крајот секогаш се излегува со заеднички став.
„Разговараме за многу теми, разговараме за конструктивни работи, за реформи, за политики, за економија, разговараме за интегрирање на државата во ЕУ, се договараме, работиме заедно. Можам да го повторам тоа што го кажав на оваа прес-конференција. Секогаш и во едно семејство може да се случи да имате различно мислење, но на крајот е важно дека заедно ќе излезете од таа различност или има една многу убава максима која вели: Убавината е во различностите, но секогаш излегуваме како партнери и секогаш излегуваме со заеднички јазик“,
рече премиерот.
Да се преговара сè додека не се постигне решение, беше дел од одговорот на Мицкоски на прашањето дали може да открие конкретни детали од предлогот на унгарскиот премиер Виктор Орбан за посредништво на Будимпешта во процесот на решавање на спорот, кој Софија експресно го отфрли.

Одговарајќи на ова прашање Мицкоски го спореди Преспанскиот договор, за кој рече дека бил јасен во своите одредби во однос на уставните измени, со Договорот за добрососедство и пријателство со Бугарија, во кој, како што повтори, никаде не стои дека треба да има уставни измени.
„Каде во Договорот со Бугарија стои дека ние треба да го промениме Уставот? Еве нека дојде некој, нека ми каже и веднаш ќе речам, во ред, така е како што кажуваат. Второ, ако се гледа Преспанскиот договор, тој е условен, устваните измени се условни. Таму си стои ќе поминат уставните измени, но тие ќе бидат ефективни тогаш кога грчкиот парламент ќе го ратификува пристапниот протокол на Македонија во НАТО. Многу јасно стои, и во Уставниот закон е така што е усвоен во парламентот. Го сакаме ли овој pacta, ајде тој да го примени за да го решиме ова прашање. Ќе станат уставните измени ефективни тогаш кога Бугарија ќе го ратификува пристапниот договор во ЕУ. Што е различно. Или за ова може или за ова не може. Не можеме да имаме политика на двојни стандарди. Или ќе бидеме со политика на јасни принципи и вредности или не може, лоша порака е. Ако испраќаме порака дека ова е тоа, тоа е ултиматум, тоа не се европски вредности. Европски вредности е да се разговара, да се преговара сè додека не се постигне решение. И токму тоа е тоа што го понуди големиот пријател, и мој личен и на Македонија, г. Виктор Орбан. Еве ние претседаваме со Унијата, дојдете да разговараме, да помагаме колку можеме. Јас прифатив, покажав конструктивност од наша страна, жалам што од кај нашиот источен сосед не прифатија. Но јас стојам на располагање, каде ќе кажат, таму, да појдеме да разговараме, колку е потребно, со часови, со денови, со недели, сè да ставиме на маса и да го решиме ова еднаш засекогаш. Но, да влеземе сега во процес којшто не ни гарантира успешен крај, нема да бидам наивен и никогаш нема да ги предадам очекувањата на граѓаните“,
рече Мицкоски.