Од Основниот кривичен суд Скопје велат дека се известени за здравствената состојба на обвинетиот Боре Видевски и оти чекаат дополнителни информации за текот на лекувањето
Велешанецот Боре Видевски, еден од обвинетите за убиствата и грабнувањата на 14-годишната Вања Ѓорчевска и 74-годишниот Панче Жежовски, во тешка здравствена состојба вчера бил хоспитализиран на Клиниката за нефрологија во Скопје, објави Радио Слободна Европа (РСЕ).
Неговиот адвокат Бојан Манев за РСЕ потврдил дека Видевски во неконтактибилна состојба, со речиси откажан бубрег, вчераутро бил транспортиран од притвор во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје.
Според адвокатот, на неговиот клиент во минатото му бил трансплантиран бубрег, а веќе подолго време се жалел на болки.
Тој првично бил однесен во Градската болница „8 Септември“, од каде што потоа е транспортиран во Клиничкиот центар каде што веднаш му била извршена дијализа.
„Според моите информации, сè уште е во лоша здравствена состојба. Претпоставките се дека ќе треба подолго време да заздрави, што би можело да трае и повеќе од еден месец. Не знам што да ви кажам, бубрегот како да му е пред распаѓање, сепак дијагнозата треба да ја постават лекарите“,
изјавил адвокатот Манев за РСЕ.
Дека Видевски се наоѓа кај нив потврдил и директорот на Универзитетската клиника за нефрологија, Никола Ѓорѓиевски.
„Точно, можам да потврдам дека тој во моментов е хоспитализиран на нашата клиника поради влошување на бубрежната функција. Претходно пациентот е со трансплантиран бубрег“,
изјавил тој.
Видевски, кој од декември лани се наоѓа во притвор, и претходно во неколку наврати бил носен на интервенција во болница.
Од Основниот кривичен суд Скопје велат дека се известени за здравствената состојба на обвинетиот и оти чекаат дополнителни информации за текот на лекувањето.
Боре Видески, заедно со Велибор Манев, Влатко Кешишов, Љупчо Палевски-Палчо и Александар Ѓорчевски, е обвинет за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски.
Судскиот процес против нив почна пред точно десет дена, односно на 20 септември и на првото рочиште сите петмина се изјаснија дека не се чувствуваат виновни за делата кои им се ставаат на товар. Тие и нивните бранители во своите воведни говори наведоа дека наводите во обвинителниот акт се паушални и контрадикторни и дека во текот на судскиот процес ќе го докажат тоа.
Обвинителката Жаклина Крстевска-Јосифовска, пак, во својот воведен говор кажа дека Палевски заедно со Манев, Видевски, Кешишев ги испланирале убиствата и ги извршиле на свиреп начин.
Според обвинението, на 22 ноември лани тие во Велес го грабнале Жежовски, кому Палевски му пукал во глава, а потоа му го зеле возилото марка „ситроен“ за да го користат во грабнувањето на 14-годишното девојче во Скопје.
Вања ја грабнале пет дена подоцна, односно на 27 ноември, од влезот на нејзината зграда кога утрото тргнала на училиште. Според обвинителството, информацијата дека девојчето ќе оди само на училиште ја добиле од таткото Александар Ѓорчевски. Обвинетите ја ставиле Вања во вреќа за спиење, а потоа во багажникот на „ситроенот“ на Жежовски и ја однеле во близина на селото Бразда, каде Палевски ја убил, пукајќи ѝ со пиштол во главата. Телото потоа го ставиле во дупка што претходно била ископана.
Секој од обвинетите имал своја улога со претходно и детално планирани дејствија, а улогата на Видевски, според обвинителството, била да помага во онеспособувањето и транспортот на жртвите.
Засега не се знае како влошувањето на неговата здравствена состојба ќе влијае на текот на судскиот процес.
Следното рочиште е закажано за 7 октомври, а на него како сведоци треба да се појават мајката, бабата и дедото на Вања.