Додека траат активностите за поставување на цевките, од ЕСМ велат дека испораката на топлинска енергија, исто како и претходната грејна сезона, ќе се врши преку функционалниот крак на примарниот топловод А, вклучувајќи ги и количините што ги испорачува ТЕ-ТО
На теренот под мостот „Беласица“ од денеска почнаа активности за монтирање на новите цевки на топловодот. Како што информираат од „Електрани на Северна Македонија“ (ЕСМ), поставувањето на топловодот ќе трае во наредните месеци со цел комплетно да биде подготвен за ставање во функција.
Од „ЕСМ дистрибуција“ велат дека се преземаат мерки за надминување на пречките што досега постоеле и кои предизвикале застој во монтажата.
„Новите раководства на ’ЕСМ дистрибуција на топлина’ и на ЕСМ се соочија со предизвикот, да преземат ургентни мерки за надминување на пречките што предизвикаа застој во поставување на цевководот, кој се јави како последица на исклучителната неспособност или незаинтересираност на претходните менаџерски тимови на двете компании“,
изјави Петар Милетиќ, новиот директор на „ЕСМ дистрибуција на топлинска енергија“, кој присуствуваше на почетокот на активностите на терен.
Додека траат активностите за поставување на цевките, од ЕСМ велат дека испораката на топлинска енергија, исто како и претходната грејна сезона, ќе се врши преку функционалниот крак на примарниот топловод А, вклучувајќи ги и количините што ги испорачува ТЕ-ТО.
Со тоа, како што информираат од ЕСМ, и понатаму целосно ќе бидат задоволени потребите на потрошувачите на топлинска енергија, дури и во случај на ниски надворешни температури.
Пожарот на мостот „Беласица“, кој ја поврзува Железничката станица со крстосницата кај трговскиот центар „Ист гејт“, избувна меѓу 11 и 12 мај минатата година. Мостот беше целосно или делумно надвор од употреба речиси цела година.
Полицијата, во мај годинава, поднесе кривична пријава против 37-годишниот скопјанец И.Х., кој е осомничен дека пред една година го предизвикал пожарот на мостот „Беласица“.
Според полициското соопштение, скопјанецот предизвикал пожар во т.н. „просторија за компензација на топловод“ под мостот „Беласица“. Пожарот, како што посочуваат од СВР-Скопје, се проширил на термичката изолација и топловодните цевководи кои се дел од топлификациската мрежа на „ЕСМ – снабдување со топлина“, при што се предизвикани топлински оштетувања на наведениот топловод, како и видливи оштетувања на конструктивните елементи на мостот.