Од Министерството посочуваат дека поради влошената безбедносна ситуација во Либан, во неколку наврати имало повик сите наши државјани што се наоѓаат во оваа држава да ја напуштат во прва можност
Ниту еден македонски државјанин, до овој момент, нема побарано помош или евакуација од Либан, информираат од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.
Од Министерството посочуваат дека поради влошената безбедносна ситуација во Либан, во неколку наврати имало повик сите наши државјани кои се наоѓаат во оваа држава, да ја напуштат во прва можност. Исто така, од Министерството апелираат да се одложат сите патувања кон оваа држава кои не се неопходни.
Оттаму додаваат дека Министерството ги ставило сите свои капацитети за асистенција на нашите државјани преку 24-часовниот СОС дежурен телефон на Министерството за надворешни работи +389 75 268 736 (електронска адреса: globalsos@mfa.gov.mk).
„До овој момент нема наши државјани кои се обратиле до Министерството за помош или евакуација, ниту е пристигнато известување дека има наши државјани кои се наоѓаат во земјата“,
велат од Министерството за МИА.
Актуелната состојба во Либан денеска ќе биде единствена точка на дневен ред на на вонредниот онлајн состанок што го закажа високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел.
Портпаролот за надворешни работи и безбедносна политика на Европската комисија, Петер Стано вели дека порака е јасна дека се бара итен прекин на огнот и оти изразуваат жалење за цивилните жртви.
Високиот комесар на ОН за бегалци Филипо Гранди денеска рече дека повеќе од 100 илјади луѓе од Либан преминале во Сирија по ескалацијата на конфликтот меѓу израелските сили и либанската група Хезболах во текот на овој месец.