Ова значи дека, доколку Груевски на 4 октомври би се појавил во Македонија, нема да лежи затвор за ова кривично дело за кое беше осуден
Поранешниот премиер и екслидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, целосно се спасува од издржувањето на двегодишната затворска казна во случајот „Тенк“, кој се однесуваше на набавката на луксузниот „мерцедес“, објави „Призма“.
Имено, на 4 октомври 2018 година Груевски беше правосилно осуден во овој случај, а до овој 4 октомври поминуваат шест години.
Тоа е целосното време во кое, според Кривичниот законик (КЗ), му застарува одлежувањето на казната.
„Застареноста на извршувањето на казната настапува во секој случај кога ќе помине двапати онолку време колку што според законот се бара за застареност на извршувањето на казната“,
пропишува КЗ.
Во однос на казната на Груевски, делото за кое беше осуден (примање награда за противзаконито влијание) застарува за три плус три години години.
Ова значи дека, доколку Груевски на 4 октомври би се појавил во Македонија, нема да лежи затвор за ова кривично дело за кое беше осуден.
За истиот предмет ексминистерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска беше правосилно осудена на четири години затвор, а Ѓоко Поповски на 4 години и шест месеци затвор. Тие ги одлежаа казните.
Додека беше во Македонија, Груевски говореше дека е обвинет „за сакање“ да купи луксузен автомобил поради политичка корист и дека е жртва на политичко-судски прогон.
Поранешниот премиер, Зоран Заев, пак, најавуваше дека ќе го продадат „мерцедесот“ и со парите ќе купат амбулантни возила, но автомобилот и натаму се вози. Информацијата дека возилото и натаму се користи ни ја потврди директорот на Службата за општи и заеднички работи (СОЗР), Ивица Томовски.
За БИРН рече дека во него се возеле висока американска и италијанска делегација и дека редовно се користи кога за тоа има потреба.
На поранешниот премиер му преостанува да одлежи една и пол година затвор за случајот „Насилство пред Општина Центар“, која му застарува за три години, односно во 2027 година.
Најдоцна му застаруваат деветте години затвор за случајот „Плацови на Водно“, во 2043 година.
Но, во овој случај, Груевски е осуден во отсуство и, кога би се вратил, би можел да бара повторување на постапката, што значи дека би му се судело одново.
Во текот на годините и по измените на Кривичниот законик (од 6 септември лани) му застареа предметите ТНТ, за уривањето на комплексот „Космос“ и „Траекторија“, за провизиите за изградба на автопатиштата. Измените го спасија Груевски и од обвинението за случајот „Скопје 2014“, „Феникс“.
Поранешниот премиер останува обвинет уште во предметите „Талир 1“ и „Талир 2“ над кои, исто така, виси неизвесност како ќе завршат, и во случајот „Титаник“, каде што е обвинет дека злоупотребил средства за финансирање на изборната кампања и дека го повредил избирачкото право.
Поради тоа што беше недостапен, во прекин му е и истрагата за насилниот упад во Собранието од 27 април 2017 година.
Груевски избега во Унгарија во ноември 2018 година, кога требаше да почне да ја издржува правосилната двегодишна затворска казна во случајот „Тенк“.
Во Унгарија тој доби политички азил, а властите во Будимпешта досега ги одбија барањата на земјава за негова екстрадиција.