ФПО, со која раководи Херберт Кикл, својата реторика ја базира на стравовите на гласачите поврзани со имиграцијата, инфлацијата и Украина за да ја засили својата популарност
Ултрадесничарската Партија на слободата (ФПО) победи на парламентарните избори во Австрија, покажуваат проекциите.
Според државната телевизија ОРФ, Партијата на слободата има поддршка од 29,1 отсто, а Народната партија на канцеларот Карл Нехамер има поддршка од 26,2 отсто. Социјалдемократите се на трето место со поддршка од 20,4 отсто.
ФПО, со која раководи Херберт Кикл, својата реторика ја базира на стравовите на гласачите поврзани со имиграцијата, инфлацијата и Украина за да ја засили својата популарност.
Кикл, кој е поранешен министер за внатрешни работи, за себе го користеше терминот „volkskanzler“, или канцелар на народот, што го користеле нацистите за да го опишат Адолф Хитлер во 1930-тите години, иако самиот Кикл ја отфрла споредбата.
Иако неговата амбиција е да стане канцелар на Австрија, ќе му биде потребен коалициски партнер за да обезбеди мнозинство во Долниот дом на австрискиот парламент.
Според австриските аналитичари, доколку Кикл успее да стане канцелар, улогата на Австрија во Европската Унија ќе биде значително различна бидејќи самиот има изјавено дека негов пример за политичар е Виктор Орбан, премиерот на Унгарија.
Кикл серозно се наметна во јуни, кога Партијата на слободата тесно победи на национално ниво по првпат на изборите за Европскиот парламент.
Во својата изборна програма, Партијата на слободата повика на „ремиграција на непоканети странци“ и за постигнување похомогена нација со строга контрола на границите и суспендирање на правото на азил преку „закон за вонредни состојби“.
Партијата на слободата, исто така, повикува на прекин на санкциите против Русија, а е многу критична кон западната воена помош за Украина и сака да отстапи од Европската иницијатива за небесен штит, проект за ракетна одбрана што го започна Германија.
Конечниот резултат ќе биде објавен в понеделник откако ќе бидат пребројани сите гласови.
На изборите во Австрија право на глас имаа повеќе од 6 милиони луѓе на возраст над 16 години.