Соработката на „Алкалоид“ со СОС Детско село почна во 2022 кога една од куќите на локалитетот во населбата Ченто беше именувана „Бекутан куќа“, за која компанијата ги покри трошоците за секојдневното функционирање
На десеттиот хуманитарен пикник организиран од компанијата „Алкалоид“ вработените собраа околу два милиона денари кои ќе бидат донирани на СОС Детско село.
„Денеска заокруживме значаен, 10. јубилеј на колективна солидарност на собирот кој прерасна во празник на хуманоста за сите алкалоидовци. Околу 3.000 наши колеги и пријатели донираа средства преку Фондацијата „Трајче Мукаетов“, кои ќе бидат наменети за СОС Детско село. Со оваа организација отпочнавме стратешка соработка во 2022 година со цел да ги олесниме тековните трошоци за децата под нивна закрила и да обезбедиме едукативна поддршка, пристап до професионално советување и слично, зашто секое дете заслужува посреќно и побезгрижно детство“,
рече генералниот директор на „Алкалоид“, Живко Мукаетов.
Директорката за обезбедување фондови и комуникации на СОС Детско село, Силвија Брајовиќ, посочи дека денешната донација претставува продолжување на трета година кумство и поддршка на едно згрижувачко семејство за тековни животни трошоци и развојни потреби на децата.
„Со „Алкалоид“ веќе три години нè поврзува едно прекрасно партнерство, кое не само што ја покажува нивната посветеност како компанија, туку и искрената грижа за најранливите во нашата заедница – децата без родителска грижа“,
рече Брајовиќ.
Соработката на „Алкалоид“ со СОС Детско село почна во 2022 кога една од куќите на локалитетот во населбата Ченто беше именувана „Бекутан куќа“, за која компанијата ги покри трошоците за секојдневното функционирање.
Во 2023 година, по повод 45-годишниот јубилеј на брендот „Бекутан“, се издвојуваше одреден процент од продажбите на оваа детска колекција и беа собрани над два милиони денари, кои беа донирани на оваа организација.
СОС Детско село во моментов се грижи за близу 500 деца и младинци кои се без родителска грижа или се во ризик да ги изгубат своите родители.