ИДФ наведува дека покрај Хасан Насралах, убиен е и командантот на Јужниот фронт на Хезболах, Али Караки, како и други команданти на вооруженото движење
Армијата на Израел соопшти дека лидерот на Хезболах, Хасан Насралах, бил убиен во синоќешните „таргетирани“ напади врз Хезболах во Бејрут.
„Хасан Насралах е ликвидиран на 27 септември во воздушен напад на Бејрут“,
се вели во соопштението.
Според израелската војска, синоќешните напади, при што беа срушени неколку згради во јужен Бејрут, биле насочени кон командниот центар на Хезболах.
Во соопштението на ИДФ се наведува дека покрај Насралах, убиен е и командантот на Јужниот фронт на Хезболах, Али Караки, како и други команданти на вооруженото движење.
Насралах бил цел на напад додека бил во централниот штаб на Хезболах во јужното предградие на Бејрут, познато како Дахије. Според ИДФ, штабот на Хезболах е под земја, скриен под станбените згради во таа населба.
„Нападот беше извршен додека во штабот беа највисоките функционери на Хезболах кои подготвуваа и координираа терористички активности против граѓаните на Израел“,
се додава во соопштението на израелската армија.
Израелската војска потенцира дека Насралах е одговорен за убиството на многу израелски војници и цивили, како и за планирање и извршување илјадници терористички активности.