„Тоа значи дека треба да седнеме со Бугарија… заеднички да направиме проект, да видиме дали оваа линија е најдобра, да видиме дали има подобра линија, јас мислам дека има и заеднички да направиме проект, заеднички да најдеме финансирање и заеднички да го тендерираме. Само така има логика“, вели вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски во разговор за „360 степени“
360°: Наспроти Вашите тврдења дека третата делница од пругата кон Бугарија е неизводлива со овој проект, од Делегацијата на Европската Унија и од Европската инвестициска банка (ЕИБ) велат дека дизајнот на проектот е правен од меѓународни консултанти, како и тендерската процедура, и дека сето тоа е работено за да одговара на намената. Како ги коментирате вие сега овие наводи?
Николоски: Ги коментирам на начин што тие не сакаат сами себе да се погазат и не сакаат она што го направиле да речат дека не е добро. Но, не е добро.
360°: Што се Вашите главни аргументи?
Николоски: Првиот проблем е цената. Сиромашна држава како Македонија треба да потроши 560 милиони евра за 24 километри пруга што некаде доаѓа околу 24-25 милиони евра по километар што ќе се согласите дека е екстремно скапо. И дополнително, можеби јавноста не знае, не се работи за брза пруга. Се работи за спора пруга. Односно, за пруга од категорија Б каде што брзината е од 60 до 80 километри на час.
360°: Се појавија анализи во јавноста дека таа цена и не е толку висока, ако се споредува со цената на чинење на други пруги во светот.
Николоски: Тие анализи се за 300 километри на час, пруга Берлин – Париз, што се гради во моментов. Има категоризација. Има прајм категоризација, категоризација А, категоризација Б, категоризација Ц. Оваа пруга е категоризација Б и оди со 60 до 80 километри на час. Да ви кажам нешто, јас сум многу директен, немам влакна на јазик. Во ниеден од моите разговори со претставниците на Европската инвестициска банка и на дел други институции, јас од другата страна не слушнав ниту еден стручен аргумент. Јас сум политичар, не сум стручњак, ама навлегов во ова. А од другата страна, овие што треба да се стручњаци, политички одговори ми даваат – битно е ова, треба да се поврзете, треба да го направите… Добро, но можеме ли да го завршиме?
360°: Но, дизајнот на проектот го правеле стручњаци, не го правеле политичари.
Николоски: Ќе стигнам и до тоа. Јас не сакам да стигнам до ново Охрид – Кичево. Инаку, јас да бев друг тип на карактер ќе се завршеше ова, никој немаше да го знае. Кој ја отвори темата во јавност за третата делница? Јас ја отворив. Јас станав министер во понеделник, а поднесување понуди беше до среда. Значи, јас можев да го изигнорирам целосно, да се заврши и никој да не знае за работава. И откако ќе си заминам од позицијата министер, немаше да биде завршена пругата. И некој друг да го болеше главата, како што денеска мене ме боли главата за автопатот Охрид – Кичево кој после десет и пол години не е завршен. Јас не сакам да се доведеме во таква ситуација.
360°: Проектот е правен од стручњаци, не е правен од политичари.
Николоски: Сега ќе ви кажам колку се стручњаци. И мислам дека треба да се испровери што сè е донирано во Македонија и кој го добива. Стручњаците се компанија што не успеа да ја заврши штипската болница и во Штип нема клиничка болница, како што знаете, истата компанија е.
360°: Тие го имаат правено проектот?
Николоски: Да.
360°: Во дел од одговорите од Европска инвестициска банка и од Делгацијата на ЕУ велат дека овој дизајн не е ништо невообичаено за таков терен, дека на глобално ниво има слични примери за таков терен.
Николоски: Ако ние имаме извори за нафта или рудници за дијаманти, се слагам. Ама затоа што немаме ништо од тоа, треба да видиме дали оваа држава може да ја издржи цената. Не мислам дека граѓаните на Крива Паланка или Куманово се среќни да се потрошат 24 милиони евра за километар кога луѓето таму леб немаат да јадат и секој ден преживуваат и пола од нив се иселени, работат по воени бази, по западна Европа за да врзат крај со крај и нешто да донесат дома во своите родни места и ние сега градиме пруга како да сме Швајцарија. Второ, треба да се изградат 22 тунели и 16 мостови. Самото тоа што на тендерот се пријавија несериозни компании, се кажува. До денес јас не добив одговор од ниедна од овие институции, зошто не се пријави ниедна германска компанија, ниедна француска, ниедна италијанска компанија – како три држави со добри железници. Повеќе од половина милијарда евра за 24 километри, се многу пари за каде било во Европа. И ова би било топ интерес на која било голема европска компанија. Зошто ниедна од големите европски компании не се пријави? Јас ќе ви одговорам, затоа што мислат дека проектот не е изводлив. Разговарав со една таква компанија, ги прашав директно – зошто не се пријавивте? Состанокот беше на друга тема, но искористив прилика и ми рекоа – зашто проектот не е изводлив. Еве, ќе ви кажам еден пример, согласно договорот, оној што е избран, доколку е избран, треба да почне да работи оваа есен. Но, во истиот тендер пишува дека единствениот начин да се носат работници на трасата е преку пруга. Затоа што таков е теренот, не може да се пристапи по земјен пат. Значи, камиони и авотбуси не можат таму да одат и единствен начин да се носат работници и машини е преку пруга. За да можат да се носта преку пруга, треба да се заврши втората секција. Втората секција во моментов е изградена 20 проценти, касни изведувачот. Рокот му е до крај на следна година, веројатно ќе побара две години продолжување. Епа, како ќе го воведеме изведувачот оваа есен, а пругата нема да биде завшрена ни до крај на 2027 г. или да одиме само по договорите. Толку се стручни овие што го пишувале тендерот. Согласно иницјиалниот договор за изведба на втората секција, таа треба да е завршена до крај на 2025 година, а за да се пристапи на третата секција треба да се користи пруга. Епа, како вие можете да речете дека ќе воведете некого во работа во септември 2024 г., ако претходно сте пишале во претходниот договор дека треба да е завршен декември 2025 г. И на сите овие прашања јас не добив стручен одговор.
360°: Може ли само јас некое прашање да поставам?
Николоски: Да, повелете.
360°: Дел од парите се гранотви. 150 милиони се од Инвестициската рамка за Западен Балкан…
Николоски: 200 милиони вкупно е грантот.
360°: 200-210 милиони евра. И сега еден од аргументите е дека ако не се тргне во реализација според овој проект и овој тендер, ако истиот тендер не се ретендерира., тие пари ќе се изгубат.
Николоски: Ќе се изгубат тие пари секако. Да ви кажам зошто. На тендерот се имаат пријавено шест турски фирми и една грчка фирма, еве првпат кажувам. Грчката фирма е 250 милиони евра поскапа од проценетата вредност што веројатно доволно кажува колку е изводлив проектот. Останатите шест јас гарантирам дека немаат намера да градат. Имаат намера да го земат авансот и да ги снема. Така нема да пропаднат парите?
360°: Тешко е ова обвинување.
Николоски: Не, јас сум многу директен. Јас секогаш сум директен. Тоа е неизводлив проект. Пак прашувам, зошто не се пријавија најголемите европски компании да градат?
360°: И нешто тргнавте претходно да кажувате па ве прекинав. Рековте нешто што не е познато досега во јавноста, сакам да го соопштам.
Николоски: Ние се обидовме да направиме дијалог и се уште се надевам дека дијалогот ќе се случи. Знаете дека еден од главните проблеми на оваа пруга е што завршува во тунел којшто не води никаде. А поентата да градиме пруга е да се поврземе, не да не се поврзиме. Ние за до Крива Паланка…
360°: Ајде и за ова, нели на бугарска страна има пруга до Ѓуешево? Стара, но има пруга до Ѓуешево.
Николски: Е сега ќе ви кажам нови работи тука. Инаку, нас поентата ако ни е Скопје-Крива Паланка да го поврземе, еве градиме експресен пат, готов ќе е до Нова Година, ќе го поврзиме по екстра модерен пат, по којшто ќе се вози 110-130 км/ч дозволена брзина. Во однос на пругата, иницираше ЕУ дијалог со Бугарија. Експертски се случи, политички се уште не е случен.
360°: Наводно вие за првата понуда за средба сте рекле дека не можете да прифатите.
Николоски: И после прифатив три. Првата беше од приватни причини, после прифатив три термини и сега велам било кој термин што ќе е прифатлив за…
360°: Идејата е да се сретнете вие и бугарскиот министер за транспорт?
Николоски: Затоа што бугарската страна одби три термини, сега реков кој било термин, само да се сретнеме. Не верувам до изборите во Бугарија дека ќе сакаат да се сретнат. Не гледам логика. Но, како и да е, на експертско ниво, бугарската страна призна, тоа го има во записник, дека ниту имаат проект…зборувам од Ѓуешево до граница, ниту имаат експропријација, ниту имаат дизајн, ниту знаат како ќе ја поврзат пругата од Ѓуешево до граница со Македонија.
360°: Но, станува збор за само 2,5 километри.
Николоски: И дека можат најрано тоа да го направат до крај на 2026 година, прва работа. И втора работа, за постојната пруга од Софија до Ѓуешево оти нели поентата е да се поврземе, затоа што пругата е стара и нефункционална, им требаат милијарда и двесте милиони евра или две милијарди и четрстотини милиони лева за да ја реконструираат, а тие во моментов ги немаат. Сега кажете ми дали е домаќински, одговорно и чесно јас да влезам во проект од 560 милиони евра кој нема да не поврзе со никого и не оди никаде.
360°: Пругата од Софија до Ѓуешево е функционална и по неа сообраќаат возови.
Николоски: Тие велат дека не е функционална, ова е во записник.
360°: Секој ден таму сообраќа воз, пред ова интервју проверував.
Николоски: Веројатно некој што вози со 20-30 километри на час, за 60 до 80 за категорија Б не е функционална.
360°: Каков е статусот на тендерот во моментот?
Николоски: Статусот е дека ние ги повлековме членовите и со тоа пропаѓа – и за надзор и за изведба.
360°: Што значи тоа?
Николоски: Тоа значи дека мислам дека треба да седнеме со Бугарија, јас би и утре ама претпоставувам ќе сакаат да завршат изборите таму и да се формира политичка влада, заеднички да направиме проект, да видиме дали оваа линија е најдобра, да видиме дали има подобра линија, јас мислам дека има и заеднички да направиме проект, заеднички да најдеме финансирање и заеднички да го тендерираме. Само така има логика. Ако правиме башка ние, башка Бугарија, нема да се заврши никогаш, ако настапиме заеднички како соседни држави оти границите се вештачка работа, тогаш мислам дека апсолутно ќе се реализира.
360°: Дефинитивно се откажувате од идејата да ја градите пругата според овој проект и овој тендер?
Николоски: Јас не се откажувам од идејата да изградам пруга со Бугарија, јас велам само дека тоа што сега е понудено е неизводливо и не може да се реализира. Инаку, сакам да се изгради пруга со Бугарија и ќе направам се за да се изгради.
360°: Но, овој тендер нема одново да го распишувате?
Николоски: Ваков каков што е дефинитивно не.