Под „релевантни критериуми“, како што рече портпаролката на Европската комисија, Ана Писонеро, се и уставните амандмани за внесување на Бугарите во Уставот
Нашиот став е јасен – со нетрпение го очекуваме почетокот на преговорите по поглавја со Албанија и што е можно поскоро со С Македонија, откако земјата ќе ги исполни релевантните критериуми договорени со Советот.
Ова денеска го изјави портпаролката на Европската комисија (ЕК) за проширување, соседска политика и меѓународни партнерства, Ана Писонеро, во однос на одлуката на Комитетот на постојаните претставници на владите на земјите членки во ЕУ, за одвојување на патот на Албанија и С Македонија кон пристапување во Унијата.
Под „релевантни критериуми“, како што рече, се и уставните амандмани за внесување на Бугарите во Уставот.
„Европскиот совет ја повика Северна Македонија да го забрза спроведувањето на овие измени“,
изјави Писонеро, и додаде дека одлуките за следните чекори во пристапниот процес се во надлежност на земјите членки на ЕУ, а не на ЕК.
Унгарското претседателство со Советот на ЕУ денеска во изјава за МИА потврди дека Комитетот на постојаните претставници на владите на земјите членки во ЕУ донел одлука Албанија на 15 октомври да го продолжи преговарачкиот процес за членство во Унијата, со отворање на Кластерот 1 – „Темелни вредности“.
Патот на Албанија и С Македонија за пристапување во ЕУ беше споен, а двете држави заедно ги започнаа преговорите за членство во јули 2022 година.