„Најважно е што со ова даваме знак дека бугарските политичари, бугарската држава, сите партии се обединети кога е во прашање добрососедството со двете земји и дека секој што ќе го прекрши треба да сноси одговорност“, рече Бојко Борисов, претседателот на Комисијата за надворешна политика во бугарскиот парламент
Членовите на Комисијата за надворешна политика во Народното собрание на Бугарија денеска на затворена седница едногласно ја усвоија предлог-декларацијата во врска со провокативните изјави од страна на македонските владејачки политички фактори и систематското уништување на дијалогот меѓу С Македонија и Бугарија, пренесува бугарската телеграфска агенција БТА.
Пратениците што се членови на Комисијата, како што објавија бугарските медиуми, се обединија околу текстот на декларацијата и го усвоија едногласно со 14 гласа.
Бојко Борисов, претседател на Комисијата за надворешна политика во бугарскиот парламент и лидер на партијата ГЕРБ, им се заблагодари на сите политички партии за постигнатиот консензус.
„Најважно е што со ова даваме знак дека бугарските политичари, бугарската држава, сите партии се обединети кога е во прашање добрососедството со двете земји и дека секој што ќе го прекрши треба да сноси одговорност“,
рече тој.
Крајнодесничарската бугарска партија Преродба на Костадин Костадинов ја постави предлог-декларацијата во врска со, како што се наведува, провокативните изјави од страна на македонските владејачки политички фактори и систематското уништување на дијалогот меѓу С Македонија и Бугарија.
Во нацрт-документот, чија содржина ја пренесуваат бугарските медиуми, меѓу другото, се повикуваат Европската Унија и Европската комисија да ги осудат, како што се наведува, навредливите квалификации на вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски со кои Бугарите ги нарекува „недостојни“, „мизерни“ и „нецивилизирани“, а бугарските политичари „маргиналци“ и „корумпирани“.
Повод за усвојувањето на декларацијата, како што пишуваат тамошните медиуми, „се низата антибугарски изјави на водечките политичари во Република Северна Македонија, што имаат за цел да ги минираат билатералните односи и да ја претстават Бугарија во лошо светло пред европските партнери“, како и „одбивањето на РСМ да ги исполни условите предвидени во Преговарачката рамка, што ќе ѝ овозможи на земјата да започне вистински процес на преговори за европска интеграција“.
Одлуката на амбасадорите на земјите членки на ЕУ за продолжување на преговорите за членство со Албанија одвоено од Северна Македонија беше објавена вчеравечер од повеќе бугарски медиуми.
Денеска свои коментари дадоа поранешните премиери на Бугарија, Бојко Борисов и Кирил Петков. Ги повикаа властите во Северна Македонија да одлучат дали ќе ги внесат Бугарите во Уставот или патот на државата кон ЕУ ќе остане затворен. И двајцата порачуваат дека Договорот за добрососедство потпишан во 2017 г. мора да се почитува.