„Ние сакаме да разговараме, подготвени сме да разговараме колку што е потребно за да најдеме решение. Ајде, ќе ја завршиме процедурата, имаме бројка од 80 пратеници, но тие амандмани да важат и да бидат ефективни кога Бугарија ќе го ратификува пристапниот протокол за нас во ЕУ. Тоа го понудив во Брисел“, изјави премиерот
Се испраќа лоша порака кон македонските граѓани, коментира премиерот Христијан Мицкоски за одлуката на Европската Унија за одвојувањето на патот на Албанија од С Македонија кон пристапувањето кон ЕУ. Ниту една држава, оценува премиерот, не направила повеќе работи од нас во последните две и пол децении од почетокот на патот кон полноправно членство во Унијата, а кои немаат врска со Копенхашките критериуми.
„Ние сме единствениот случај во кој билатерални договори се услови во Преговарачка рамка“,
изјави Мицкоски на денешната прес-конференција.
На сметка на националните и идентитетски отстапки, без гаранции, додава тој, не треба да прифаќаме услови.
„За мене ова е диктат. Ако ова е условот за Македонија да продолжи да преговара – тогаш не, благодарам. Ние сакаме да разговараме, подготвени сме да разговараме колку што е потребно за да најдеме решение. Ајде ќе ја завршиме процедурата, имаме бројка од 80 пратеници, но тие амандмани да важат и да бидат ефективни кога Бугарија ќе го ратификува пристапниот протокол за нас во ЕУ. Тоа го понудив во Брисел. Конструктивен сум – да, нудам предлози – да, спремен сум да разговарам“,
изјави премиерот.
Вели дека ако како Влада можеле да го испочитуваат Преспанскиот договор и покрај критиките од јавноста, и да ја користат додавката „Северна“ за надворешна употреба, тогаш и Брисел треба да го прифати Договорот за добрососедство со Бугарија, во кој, како што вели, никаде не стои дека услов мора да биде промена на Уставот.
„Кога зборуваме за одложено дејство, односно по успешно завршување на преговорите и ратификација на пристапниот протокол, дека сме подготвени тоа да го прифатиме, за многумина во Брисел беше ‘што е сега ова’. Тоа не е ништо поразлично од Преспанскиот договор. Ако го читате Преспанскиот договор и Уставот ќе видите дека сите амандмани кои беа усвоени во парламентот влегуваат во сила кога Грција ќе го ратификува пристапниот протокол на Македонија во НАТО. Зошто тогаш не додале и ЕУ? А, прашањето на референдумот, ако се сеќавате, беше дали сте за ЕУ и НАТО. Зошто не додале ЕУ? Еве, ние тоа го бараме“,
додаде Мицкоски.
Доста е, додава тој, од двојни стандарди на „грбот на оваа мала држава во срцето на Балканот“.
„Ова нема врска со европски вредности, само се изживуваат врз нас. Доста е. Подготвени сме, сакаме да влеземе, да преговараме. Преговори значат јакнење на институции, збогатување на капацитети, не значи членство. Што е толку тешко да се прифати овој наш предлог?“,
додава премиерот.
На Албанија ѝ посака успех и брзо завршување на преговарачкиот процес. Можеби, како што вели, еден ден патиштата на двете земји повторно ќе се сретнат по траекторијата кон полноправното членство во ЕУ.
Изјавата на премиерот Христијан Мицкоски следува по едногласната одлука на амбасадорите на земјите членки на ЕУ за одделување на патот на Албанија и С Македонија од патот кон Унијата.