Претседателите на двете земји, Џо Бајден и Емануел Макрон, ги повикаа Израел и Либан да го поддржат предлогот, зад кој, исто така, застанаа Велика Британија, Австралија, Канада, Европската Унија, Германија, Италија, Јапонија, Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) и Катар
Соединетите Американски Држави (САД) и Франција повикаа на 21-дневен привремен прекин на огнот меѓу Израел и Хезболах, откако генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, на состанокот на Советот за безбедност рече дека на повидок е да се случи пекол во Либан.
Повиците за прекин на огнот доаѓаат по изјавата на командантот на израелската војска Херзи Халеви дека земјата се подготвува за можна копнена операција во Либан во интензивните тридневни бомбардирања во кои досега загинаа повеќе од 600 луѓе, што дополнително ги зголеми стравувањата од регионален конфликт.
„Време е за спогодба на израелско-либанската граница која ќе гарантира безбедност и сигурност и што ќе им овозможи на цивилите да се вратат во своите домови. Размената на оган од 7 октомври (2023 година), а особено во текот на изминатите две недели се заканува да предизвика многу поширок конфликт и штета за цивилите“,
се вели во заедничката изјава објавена од американскиот претседател Џо Бајден и неговиот француски колега Емануел Макрон, пренесува „Гардијан“.
Двајцата лидери, кои имаа состанок на маргините на 79. Генерално собрание на ОН во Њујорк, велат дека работеле на привремен прекин на огнот за да ѝ дадат шанса за успех на дипломатијата и избегнување на понатамошни ескалации преку границата.
Бајден и Макрон ги повикаа Израел и Либан да го поддржат предлогот, зад кој, исто така, застанаа Велика Британија, Австралија, Канада, Европската Унија, Германија, Италија, Јапонија, Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) и Катар.
Висок функционер на американската администрација вчеравечер, како што пишува „Гардијан“, изјавил дека се очекува Израел и Либан, за кој се смета дека го претставува Хезболах во преговорите, да одговорат на повикот во следните неколку часа.
Официјални претставници на администрацијата на САД, исто така, брифирале дека предлогот за прекин на огнот не се однесува на конфликтот меѓу Израел и Хамас во Појасот Газа.
САД велат дека периодот од 21 ден е избран со цел да се обезбеди простор за да се преговара за посеопфатен договор меѓу двете страни и да им се овозможи на жителите да се вратат во своите домови вдолж границата меѓу Израел и Либан без страв од понатамошно насилство.
„Ситуацијата меѓу Либан и Израел од 8 октомври 2023 година е неподнослива и претставува неприфатлив ризик од поширока регионална ескалација. Ова не е во ничиј интерес, ниту на народот на Израел, ниту на народот на Либан“,
се вели во заедничкото соопштение на 12-те држави кои бараат прекин на огнот.
Соопштението уследи по жестоката дебата на состанокот на Советот за безбедност на ОН, на која либанскиот премиер го обвини Израел за кршење на суверенитетот на неговата земја. Наџиб Микати рече дека либанските болници се преоптоварени и не можат да примат повеќе настрадани.
Од друга страна, претставникот на Израел во ОН пред Советот за безбедност изјави дека неговата земја не бара војна од целосен обем и дека Иран е „движечката сила“ на нестабилноста што го зафати Блискиот Исток.
Иранскиот министер за надворешни работи, Абас Аракчи рече дека „непоколебливата поддршка што САД и Велика Британија му ја даваат на Израел ѝ дала на земјата одврзани раце за сите видови злокобно однесување“.
На состанокот може да се забележат несогласувања меѓу САД и нивните европски сојузници околу прашањето дали да се повика на итен прекин на огнот на Советот за безбедност. Шефот на британската дипломатија Дејвид Лами поддржа итен прекин на огнот, наведувајќи дека е време за повлекување од работ на бездната, бидејќи „целосна војна не е во интерес ниту на израелскиот, ниту на либанскиот народ“.
Тој го повика Иран да го искористи своето влијание за да го убеди Хезболах да се согласи на прекин на огнот.
Сепак, американските дипломати посочија дека безусловниот повик за прекин на огнот во форма на заедничка изјава на Советот за безбедност може да се смета како прифаќање на морална еквивалентност меѓу однесувањето на Израел и Хезболах, група која САД ја означува како терористичка организација.
Предлогот за привремен тринеделен прекин на воените дејствија може да обезбеди платформа за повторно отворање на застојаните разговори за прекин на огнот меѓу Хамас и Израел во Газа. Хезболах соопшти дека ќе ги прекине своите напади доколку Хамас се согласи на прекин на огнот во Газа, но во моментов нема знаци дека раководството на Хамас или израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ќе постигнат договор, пишува „Гардијан“.
Инаку, денеска во Њујорк се очекува да пристигне израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху кој треба да има свое обраќање пред Генералното собрание на ОН. Во исто време се очекува тој да се изјасни дали поддржува 21-дневна пауза во непријателствата меѓу Израел и Хезболах.