Имено, во учебникот на издавачката куќа „Бигз школство“ во лекцијата со наслов „Европа, светот и српскиот народ во југословенската држава во периодот меѓу двете светски војни“, како илустрација е искористена сцена од филмот „Големиот диктатор“, во која Чаплин го толкува ликот на Адолф Хитлер
Во последните години родителите во Србија се сведоци на многу нелогичности во училишните учебници, а последно останале запрепастени кога во учебникот по историја за осмо одделение наместо фотографија од Адолф Хитлер, кој се споменува во лекцијата, го виделе ликот на славниот актер Чарли Чаплин, пренесува Нова.рс.
Имено, во учебникот на издавачката куќа „Бигз школство“ во лекцијата со наслов „Европа, светот и српскиот народ во југословенската држава во периодот меѓу двете светски војни“, како илустрација е искористена сцена од филмот „Големиот диктатор“, во која Чаплин го толкува ликот на Адолф Хитлер.
Родителите кои забележале дека фигурата на германскиот диктатор е заменета со слика на Чарли Чаплин, биле шокирани и збунети.
„Ова е скандалозно! Образованието е веќе доволно расипано. Навистина ми е нереално дека издавачката куќа, односно Министерството за образование кое го одобрило овој учебник, прифатило наместо Хитлер да го има ликот на Чарли Чаплин. Па, чекај, децата не се глупави. Можеби некои од нив не ги интересира историјата, но нема шанси да не знаат кој бил Хитлер. Можам само да заклучам дека на овој начин ги прават луди“,
изјавил за Нова.рс огорчен родител.
На прашањето на новинарите, издавачката куќа објаснила зошто сцената од филмот е ставена во учебникот.
„Фотографијата што ја карактеризирате како спорна е намерно и свесно поставена на воведните две страници од поглавјето на учебникот што го обработува периодот на историјата меѓу двете светски војни. Станува збор за секвенца од култниот филм ‘Големиот диктатор’ од 1940 година. Целта на фотографијата е да ги илустрира тенденциите во уметноста во меѓувоениот период бидејќи темата на учебникот не е само политичка историја, туку и културата на ерата за која се зборува“,
истакнале од издавачката куќа „Бигз“.