Според него, ако врз основа на истиот член Африм Гаши ја свикал Комисијата за финансирање и буџет за задолжувањето од Унгарија, што, како што рече, реално е и негова деловничка обврска, истото може да го направи и за законот за посебните права за припадниците на безбедносните сили
Потпретседателот на Собранието од редовите на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ), Јован Митрески, бара собранискиот спикер Африм Гаши да ја задолжи Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања да свика седница каде што ќе се толкува примената на членот 126 став 3 од Деловникот во однос на предлог-законот за посебните права на припадниците на безбедносните сили и членовите на нивните семејства.
Барањето, како што рече Митрески, денеска го поднел до собраниската архива, а на претседателот на Собранието рече дека ќе му дадат разумен период до крајот на оваа недела.
„Бидејќи апсолутно не се согласувам со образложението на претседателот за овој член од Деловникот, го доставив наведеното барање“,
рече тој на прес-конференција во Собранието.
Според него, ако врз основа на истиот член Африм Гаши ја свикал Комисијата за финансирање и буџет за задолжувањето од Унгарија, што, како што рече, реално е и негова деловничка обврска, истото може да го направи и за законот за посебните права за припадниците на безбедносните сили.
„Пред 10 дена координаторот на пратеничката група на СДСМ Оливер Спасовски поднесе барање до претседателот на Собранието да достави образложение дали и кога ќе ја свика седницата на Комисијата за разгледување на овој закон по истиот терк како што беше свикана Комисијата за финансирање и буџет. До овој момент образложение или одговор нема и најверојатно нема ни да има. Има некакви образложенија пратени до јавноста кои воопшто немаат смисла ниту се во согласност со Деловникот ниту имаат допир со реалноста“,
додаде Митрески.
Тој го повика Гаши, доколку е сигурен во неговото образложение, да ја свика Комисијата и таму, како што рече Митрески, да ги судрат аргументите.
„Ова е шанса и на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ да докажат дека реално се залагаат за решавање на овој проблем и дека нивната заложба не е само декларативна“,
додаде тој.
На новинарско прашање што доколку претседателот не ја свика седницата, Митрески рече дека има неколку можности и опции, но дека нивните ставови ќе ги градат врз основа на тоа што ќе се случува во иднина и оти јавноста навремено ќе биде информирана за тоа што ќе го преземат во Собранието.
Во однос на тоа што доколку Комисијата утврди дека претседателот не го почитувал Деловникот, Митрески рече дека тогаш ќе ги преземат следните чекори.
„Ако утврди дека не го почитувал (Деловникот) тогаш претседателот треба да свика седница врз основа на член 126 став 3 исто како што направил со Комисијата за финансирање и буџет за задолжувањето од Унгарија“,
додаде Митрески.
Законот за бранителите изминатиот период предизвика многубројни реакции меѓу политичките партии и во јавноста.
Откако претседателката на Комисијата за социјална политика, демографија и млади, Илире Даути, од Алијанса за Албанците, која е дел од коалицијата „Европски фронт“ предводена од ДУИ, минатата недела одби да закаже седница на ова собраниско тело за предлог-законот за бранителите, тоа не го стори ниту претседателот на Собранието, Африм Гаши, како што налага Деловникот за работа на законодавниот дом.
Пратеничката Славјанка Петровска вчера рече дека пратениците на СДСМ ќе бараат Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања да расправа дали претседателот на законодавниот дом, Африм Гаши го прекршил Деловникот за работа на Собранието со незакажувањето на Комисијата за социјална политика, демографија и млади за Предлог-измените на Законот за посебните права на припадниците на безбедносните сили и членовите на нивните семејства.