Инаку, Муцунски и Герапетритис утре ќе учествуваат и на Министерскиот состанок на неформалната група „Пријатели на Западен Балкан“, во присуство на министрите за надворешни работи на земјите од Западен Балкан
На маргините на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк за утре е предвидена билатерална средба меѓу шефовите на дипломатиите на Грција на Северна Македонија, односно меѓу Јоргос Герапетритис и Тимчо Муцунски. Оваа информација ја потврди грчкото Министерство за надворешни работи.
Ова ќе биде прва средба меѓу министрите на двете држави.
„На маргините на работата на Генералното собрание, министерот Герапетритис ќе има одделни билатерални средби со министрите за надворешни работи на Боливија, Северна Македонија, Бахреин и Саудиска Арабија“,
пишува во соопштението од Министерството за надвореешни работи на Грција.
Муцунски и Герапетритис утре ќе учествуваат и на Министерскиот состанок на неформалната група „Пријатели на Западен Балкан“, во присуство на министрите за надворешни работи на земјите од Западен Балкан.
Вечерва состанокот меѓу двајцата министри го потврди и Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, од каде велат дека на средбата ќе се разговара за најактуелните регионални и меѓународни теми, како и за понатамошно продлабочување на билатералните односи и економската соработка помеѓу двете земји.
Инаку, шефот на грчката дипломатија Јоргос Герапетритис досега неколкупати го повтори ставот дека Договорот од Преспа е меѓународен договор кој предвидува обврски што во целост треба да се почитуваат.
Веќе неколкупати досега Герапетритис посочи дека одлуката на раководството на Северна Македонија да не го користи уставното име Северна Македонија на домашната сцена е флагрантно кршење на Преспанскиот договор.
Според Муцунски, со соседна Грција треба да соработуваме откако како соседи треба да имаме предизвици во делот на економијата, трговијата и отворањето нови гранични премини.
Како што изјави тој во јули годинава, Владата нема проблем со Грција бидејќи, според него, со нивното постапување го почитувале Преспанскиот договор.