Премиерот Христијан Мицкоски, кој присуствуваше на ручекот, вели дека на средбата ја повторил заложбата за остварување на стратешката цел – членство во Унијата и напредок базиран на реални и одржливи критериуми
Планот за раст на Западен Балкан бил во фокусот на работниот ручек што лидерите на земјите од овој регион го имале денеска во Брисел со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
Премиерот Христијан Мицкоски, кој присуствуваше на ручекот, вели дека на средбата ја повторил заложбата за остварување на стратешката цел – членство во Унијата и напредок базиран на реални и одржливи критериуми.
„Подвлеков дека регионот и државата се уморни од ставање настрана и пречки кои се билатерални, а не се дел од објективните критериуми за пристапување во Унијата и дека мора да се направат поголеми напори за внесување доверба и кредибилност на целиот процес“,
пишува Мицкоски во објава на својот фејсбук-профил.
За средбата, по нејзиното завршување, информира претседателката на ЕК, која на платформата Икс наведе дека сите шест земји партнери од Западниот Балкан ѝ припаѓаат на Европа.
„Тоа е она на коешто работиме. Паралелно, ги доближуваме нивните економии и пазари до нашите со нашиот План за раст од 6 милијарди евра за регионот“,
пишува Фон дер Лајен во објавата.
Today I received the leaders of the six Western Balkan partners.
— Ursula von der Leyen (@vonderleyen) September 19, 2024
All six countries belong in Europe.
This is what we are working on.
In parallel, we are bringing their economies and markets closer to ours with our €6 billion Growth Plan for the region. pic.twitter.com/FDk7fPeXLc
На работниот ручек со Фон дер Лајен, покрај Мицкоски присуствуваа и премиерите на Албанија, Еди Рама, на Косово, Албин Курти, и на Црна Гора, Милојко Спајиќ, претседавачката на Советот на министри на Босна и Херцеговина, Борјана Кришто, и претседателот на Србија, Александар Вучиќ.
Мицкоски попладнево во Брисел ќе има средби и со претседателот на Советот на ЕУ, Шарл Мишел, со еврокомесарот за проширување и соседска политика Оливер Вархеји и со првиот човек на Генералниот директорат за соседство и преговори за проширување (ГД НЕАР), Герт Јан Копман.
Премиерот при посетата на Брисел е придружуван од министрите за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцински, и за европски прашања, Орхан Муртезани.
Европската комисија лани го промовираше Планот за раст на Западниот Балкан, во чии рамки е формиран и Инструмент за раст и реформи, вреден шест милијарди евра наменети за реформи и проекти поврзани со социо-економската сфера и основните права. Целта на планот е жителите и економиите на земјите од Западниот Балкан да ги почувствуваа придобивките од членството во ЕУ уште пред зачленувањето во Унијата.
Мицкоски, вчера, одговарајќи на новинарски прашања, рече дека во Брисел ќе патува не за да го презентира Планот за раст, туку за да ја претстави фрустрацијата што ја чувствуваат македонските граѓани.
Доколку се разговара за евроинтеграцискиот процес, Мицкоски рече дека ќе ги брани и одбрани македонските национални интереси.