Парите, како што рече тој, се трошеле за на масата да има јадења како телешки мускул, чаден лосос, ракчиња и разни морски плодови, а се пиеле и скапи вина како „Алшар“ за кои се плаќале по 3 500 денари за едно шише
Од ВМРО-ДПМНЕ денеска излегоа со обвинувања насочени кон ексминистерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски велејќи дека тој, за три и пол години додека бил на чело на институцијата, потрошил 976 199 денари во кафеани и ресторани.
Пратеникот Бране Петрушевски, од партиското седиште на ВМРО-ДПМНЕ, најави дека во текот на наредните денови ќе објавуваат информации за „раскалашеноста“ на Николовски.
„Љупчо дон Николовски покрај тоа што исплаќал милионски субвенции на фирми блиски до СДС без основ и раскалашено трошел народни пари на лични задоволства и нему блиски луѓе. Љупчо Дон Николовски за три и пол години колку што бил министер за земјоделство потрошил 976 199 денари во кафеани и ресторани“,
рече Петрушевски на прес-конференција.
Според Петрушевски, доколку целата сума што е потрошена за три и пол години се подели на месечно ниво, се гледа дека Николовски секој месец во кафеани трошел по една месечна плата.
„Раскалашеноста е заштитен знак на СДС. 976 199 денари кога ќе го поделиме на 42 месеци, доаѓаме до сума од 23 400 денари, пари кои дон Николовски ги трошел на кафеани. Ова го презентираме вака за и самиот дон Николовски да сфати дека месечно во кафеани трошел по една плата, со која во државава живеат цели семејства“,
додаде Петрушевски.
Петрушевски додаде дека најмногу пари биле потрошени во предизборната 2023 година, и тоа 377 700 денари, а во првата година од министерувањето „дон Николовски потрошил 294 780 денари народни пари на кафеани и ресторани“.
Парите, како што рече тој, се трошеле за на масата да има јадења како телешки мускул, чаден лосос, ракчиња и разни морски плодови, а се пиеле и скапи вина како „Алшар“, за кои се плаќале по 3 500 денари за едно шише.
„Дон Николовски се однесувал како Бисера Антоанета и без пардон трошел народни пари на кафански седенки, додека од друга страна лицемерно зборувал дека работи за народот. Ова е таа раскалашеност и лицемерие на СДС“,
додаде Петрушевски.
Пред две недели актуелниот министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски на прес-конференција изнесе обвинувања кон ексминистерот Љупчо Николовски дека додека бил на чело на ова министерство овозможил две фирми незаконски да добијат државни субвенции од илјадници евра.
Со ова, како што кажа Трипуновски, започнуваат со објавување на сите сомнителни случаи и афери на претходното раководство на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) и Николовски, како тогашен министер.
Ваквите тврдења од Трипуновски, Николовски ги нарече како празни обвинувања кон него во обид да се направи театар пред јавноста.