„Дали има можност за економска рецесија – не гледам ништо во моменталната економија што би сугерирало дека е зголемена веројатноста за рецесија“, вели првиот човек на ФЕД, Џером Пауел
Централната банка на САД (ФЕД), првпат по четири години, ја намали каматната стапка за половина процентен поен. Тоа, како што се вели во соопштението, треба да донесе олеснување за домаќинствата и за бизнис-секторот кои изминатите години плаќаа високи каматни стапки за кредитите што ги имаат.
„Со оглед на напредокот во однос на инфлацијата и рамнотежата на ризиците, Комитетот одлучи да го намали целниот опсег за стапката на федералните фондови за половина процентен поен“,
се вели во соопштението.
Стапката на референтната камата сега е меѓу 4,75 и 5 отсто. Според ФЕД, инфлацијата се движи кон нормални нивоа и тоа се очекува да продолжи. Сепак велат дека се под притисок да осигурат дека високите стапки нема дополнително да го забават пазарот на труд.
„Дали има можност за економска рецесија – не гледам ништо во моменталната економија што би сугерирало дека е зголемена веројатноста за рецесија“,
рече на прес-конференција првиот човек на ФЕД, Џером Пауел.
Тој додаде дека економијата расте, инфлацијата опаѓа, а пазарот на труд е „сè уште е на многу стабилно ниво“.
„При разгледување на дополнителни приспособувања на целниот опсег за стапката на федералните фондови, Комитетот внимателно ќе ги процени дојдовните податоци, изгледите кои се развиваат и билансот на ризици. Комитетот ќе продолжи да го намалува својот имот на државни хартии од вредност и долг на агенцијата и хартии од вредност поддржани со хипотека на агенцијата. Комитетот е силно посветен на поддршка на максималната вработеност и враќање на инфлацијата на целта од два проценти“,
се додава во соопштението.