Дамева и судијата во Основниот суд Кавадарци на денешната седница на Комисијата за утврдување одговорност за судија ги соочија аргументите во врска со барањето што претседателката на Судскиот совет го поднела против судијата кој, според неа, преку дописи до Судскиот совет ја омаловажил неа, упатил критики до друг член на Советот и се обидел да наметне цензура при одлучувањето на ова тело во постапките каде што како засегната страна се јавувал тој
Судијата Нанев, пак, од своја страна, одговарајќи на наводите на Дамева, рече дека нејзиното барање и аргументите во негова поткрепа таа ги изнела на крајно нецивилизиран начин, со манипулации од позиција на сила, мајоризација, како и од позиција на диктатура
Поранешниот претседател на Основниот суд во Кавадарци и актуелен судија во овој суд, Лазар Нанев, по една недела денеска повторно се најде на дневен ред на Комисија за утврдување одговорност на Судскиот совет.
За разлика од минатата недела, денеска Нанев дојде на расправата на Комисијата за лично да ги соочи своите аргументи со членката и претседателка на Советот, Весна Дамева, која овој пат седеше спроти него како подносител на барањето за утврдување одговорност на кавадаречкиот судија.
На расправата, која траеше околу два часа и беше налик на судење, со воведни зборови, изведување докази и завршни зборови, како што налага процедурата во вакви случаи, Дамева изнесе наводи дека Нанев преку дописи испратени до судот во ноември лани, додека сè уште ја извршувал функцијата претседател на Основниот суд во Кавадарци, на недоличен и недостоен начин сакал да ја дискредитира и да ја омаловажи како член на Судскиот совет, упатил сериозни критики за работата на друг член на Советот и се обидел да наметне цензура при одлучувањето на ова тело во постапките каде што како засегната страна се јавувал поранешниот претседател на судот во Кавадарци.
„Поразителен е начинот на изразување, употребниот вокабулар, па дури и малициозноста при обраќањето, содржано во дописите. Ова е особено фрапантно ако се има предвид фактот дека тој знаел и бил должен да знае дека доколку смета дека неговите права по која било основа се повредени или нарушени можел тоа да го оствари во соодветна постапка и на начин согласно со закон, без притоа дописот што го поднел во својство на претседател на суд да изнесува податоци и сознанија до кои дошол како судија или граѓанин. Со наведените дејствија судијата Нанев сторил потешка дисциплинска повреда за која се поведува постапка за утврдување одговорност на судија, односно посериозна форма на недолично однесување со кое се нарушува угледот на судот и угледот на судиската функција која ја извршува, предвидена во член 175, став 1 точка 1 од Законот за судовите“,
рече Дамева во своите воведни зборови.
Судијата Нанев, пак, од своја страна, одговарајќи на наводите на Дамева, рече дека нејзиното барање и аргументите во негова поткрепа таа ги изнела на крајно нецивилизиран начин, со манипулации од позиција на сила, мајоризација, како и од позиција на диктатура.
Нанев, условно кажано, обвини и дека Дамева го злоупотребува и искористува правото што го има како претседател на Судскиот совет за да манипулира со членовите на Советот и со јавноста и медиумите. А, сето тоа, како што наведе тој е поради нејзината лична нетрпеливост и омраза кон него.
„Својата лична нетрпеливост и омразата која што со нејзиното доаѓање во Судскиот совет е насочена кон мене и постојано ја изнесува, а се со цел моја лична дискредитација при конкурсите и обидите за мое унапредување што многу вешто во својот вординг го користи при образложување при донесувањето на одлуките дека се работи за несоодветна личност што беше потврда и при последниот избор за судии во Апелацискиот суд Скопје. Не можејќи истата да се соочи со реалноста, не трпејќи успешни и напредни судии, но користејќи вешта манипулација, на овој начин манипулира за некакви мои недоличности, незаконитости, нарушување на некаков углед без да знае дека Основниот суд Кавадарци е најуспешниот суд воопшто во државата кој што со својот респект, почит, колегијалност и достоинство се возидигна во светски познат суд, а нејзината омраза и гнев се обиде да ги преточи и искористи за мое омаловажување и навреди за сето она што досега го имам направено“,
рече Нанев.
Дека тоа е така, судијата се обиде да демонстрира и на денешната расправа, покажувајќи го ливчето со неговото име и презиме, а на кое, како што рече, од омраза не е напишана и неговата академска титула проф. д-р.
Инаку, едниот од дописите кои судијата ги доставил во Судскиот совет во кое бара заштита бидејќи близок роднина на Дамева преку социјалните мрежи му се заканува изминатите четири години за што бил осуден и со правосилна пресуда. Сепак, како што рече, судијата, тоа лице – се наоѓа во Лондон и не може да биде екстрадирано во земјава оти некој го штити.
„Четири години лицето Љ.Г., прв братучед на Весна Дамева, секојдневноно, три часа дневно, а на годишно ниво тоа се 1 000 часа, на четири години тоа се 4 000 часа се заканува дека ќе изврши убиство, дека ќе ме лиши од живот мене, моите деца, мојата фамилија, за што ги трпам најголемите притисоци секојдневно во мојот живот. На ден 22.07. 2023 година добив пресуда од Апелацискиот суд Скопје со која е потврдена првостепената пресуда на казна затвор од една година и 10 месеци кон ова лица. На страница 3 од пресудата во првиот пасус во целост се наведени дејствијата на извршување од страна на обвинетиот. Цитирам: ‘Да ти го е… племето Лазар Нанев’, Племето тебе со тенџерето се однесува на градоначалникот Митко Јанчев, ‘Сите ќе загинете, да ви е… крвта мајчина, сите до еден, а Кавадарци и градот ќе го исчистам од вас’, ‘Треба да го исчистам Лазар Нанев’, ‘Лазар Нанев прв и последен ќе загине’. Ова лице секојдневно три години објавува лични податоци, за ова лице се донесени четири правосилни извршни судски одлуки. Спрема ова лице, со оглед на тоа што е недостапно за органите на прогонот и се наоѓа во Англија, во Лондон, распишана е потерница, поведена е постапка која не може да се спроведе. Очигледно е дека некој го штити да не биде екстрадиран, а истиот продолжува со несмален интензитет. Кога ќе ја прочитате пресудата, ќе сфатите за каква личност се работи. Според она што го изјавува и објавува, нарачателот и информаторот се во нашата земја. Известувањето го ставам на ваше запознавање“,
рече Нанев во своја одбрана пред Комисијата со која претседаваше членката на Судскиот совет, Лорета Горгиева, а преостанати двајца членови беа нејзините колеги, Мирсад Суроји и Ивица Николовски.
На ова Дамева одговори дека за неа е неспорно дека однесувањето на тоа лице е крајно недолично и дека во врска со случајот сочувствува со судијата Нанев, но додаде оти Судскиот совет не е институцијата од каде што треба да бара заштита.
„Токму поради таквото однесување на тоа лице, и јас и моето семејство ја имаме прекинато секоја комуникација со лицето Љупчо Грков од 2017 година… Наводите на судијата дадени во воведниот говор дека неговите дописи претставуваат апел и помош за заштита од ова лице навистина не можам да ги прифатам како сериозни, ниту може да прифатам дека целта е судијата да оствари заштита. Напротив, судијата во овие дописи, особено во првиот, се изразува крајно недолично со обвинувања и непоткрепени докази акатакувајќи не само на угледот на членови на Судскиот совет туку нарушувајќи го и својот углед како судија, како и злоупотребувајќи ја и функцијата што во тој период ја извршувал како претседател на суд“,
рече Дамева.
Инаку, како што наведе Дамева, невистинити се и наводите во дописите на Нанев дека ова лице на социјалните мрежи изнесувало доверливи податоци од Судскиот совет кои наводно ги добивало од член на ова тело.
„Доколку судијата знаел дека некој, па макар и член на Судскиот совет изнесувал доверливи податоци, бил должен веднаш да го пријави тоа на надлежните органи и тоа во моментот кога сознал за првиот доверлив податок“,
рече Дамева.
Таа рече дека судијата нанел штета и со наводите дека од архивата на Советот исчезнал изготвен извештај и дека крајно недолично упатил критики во врска со работата на членката на Советот Павлина Црвенковска била координатор за следење на работата на основниот суд во Кавадарци во време кога негов претседател бил Нанев.
„Предлагам да се утврди одговорност и да се изрече мерка согласно закон“,
рече на крајот од своите завршни зборови Дамева.
Нанев, пак, во своето завршно обраќање рече дека сето она што било изнесено на денешната расправа се конструирани лаги и повтори дека зад сето тоа стои личното нетрпение и личната омраза на Дамева кон него.
„Уште еднаш се покажа и докажа дека членот на Судскиот совет Весна Дамева е извонреден спин-мајстор со извонредни манипулации и искривувања на вистината, искривување на правото, а на тој начин успешно владее со манипулација на јавноста и медиумите. Уште еднаш сите изнесени барања и сè она што беше наведено од Весна Дамева во текот на постапката го отфрлам како неосновани, тенденциозни и злонамерни. Се работи за нејзина лична одмазда и за нејзина лична суета“,
рече судијата Нанев во своите завршни зборови.
На денешната седница само без изнесени доказите и се водеше расправа во врска со барањето за утврдување одговорност. Дали таа ќе биде утврдена или не, Судскиот совет ќе одлучи дополнително.
Денешната седница на Комисијата на Судскиот совет во целост можете да ја погледнете ТУКА.