Министерот за здравство ова го кажа во контекст на неодамнешниот повик на својот поранешен сопартиец во Алијанса за Албанците, Зијадин Села, кој сега е дел од опозицискиот „Европски фронт“, за средба на сите политички партии од албанскиот блок на која би се разговарало за интересите на Албанците
Министерот за здравство Арбен Таравари, кој е дел од владејачката коалиција „Вреди“, вели дека не би имал проблем да разговара со кого било во кое било време. Ова го кажа во контекст на неодамнешниот повик на својот поранешен сопартиец во Алијанса за Албанците, Зијадин Села, кој сега е дел од опозицискиот „Европски фронт“, за средба на сите политички партии од албанскиот блок на која би се разговарало за интересите на Албанците.
Сепак, на Села и на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, им порача оти треба да се навикнат дека се во опозиција.
„Кажав дека Села и Ахмети треба да се самокритични и да се навикнат дека се во опозиција. Инаку, нема проблем, подготвени сме да разговараме со кого било и во кое било време“,
одговори кусо Таравари во одговорот на новинарското прашање по денешната посета на Центарот за рехабилитација на патологија на вербалната комуникација.
Во интервју за емисијата „Клик плус“ на ТВ 21, Зијадин Села ги повика сите партии од албанскиот блок, независно дали се на власт или во опозиција, да се обединат против, како што рече, македонската политика и потенцијалните идни планови кои не се добронамерни за Албанците, но и останатите малцински заедници.
„Ние сме во време кога многу добро треба да размислиме какво ќе биде однесувањето, позиционирањето не на Алијанса за Албанците, на ДУИ, Беса, ДПА, Демократското движење или не знам кој, во однос на ВМРО-ДПМНЕ, туку во однос на македонската политика. Треба да најдеме заеднички јазик за во иднина да спречиме да спроведуваме планови кои не се добронамерни кон Албанците, но и кон другите заедници“,
изјави Села во интервјуто за „Клик плус“.