Според анализа што ја објави Ројтерс, на задната страна на пејџерите имало налепници кои се идентични со оние на телекомуникациските уреди направени од тајванската компанија „Голд Аполо“ (Gold Apollo). Сепак, основачот на оваа компанија, како што пишува британскиот весник, денеска негирал дека уредите се направени од неговата фирма тврдејќи дека тие биле произведени од компанија во Европа која имала право да го користи нивниот бренд
Тајванскиот производител, кој се поврзува со пејџерите што експлодираа во вчерашниот смртоносен и ненадеен напад во Либан насочен против Хезболах, тврди дека телекомуникациските уреди биле направени во Европа, објави британски „Гардијан“.
Во меѓувреме, милитантната група Хезболах за случајот го обвини Израел и најави одмазднички напади.
Според информациите, се претпоставува дека илјадници пејџери биле симултано детонирани од далечина убивајќи девет лица, а речиси 3 000 се ранети.
Министерот за здравство на Либан, Фирас Абијад, рече дека меѓу загинатите има и една млада девојка и дека кај повеќе од 200 луѓе се констатирани тешки повреди.
Хезболах го обвини Израел дека стои зад експлозиите најавувајќи дека Тел Авив ќе ја добие својата праведна казна. Од милитантната група соопштија дека спроведуваат безбедносна истрага која треба да ги утврди причините и околностите за експлозиите.
Либанскиот министер за информации Зиад Макари го осуди нападот и го оцени го како агресија од страна на Израел.
Израелската војска не излезе со директен коментар во врска со експлозиите, но соопшти дека нејзини високи команданти извршиле проценка на ситуацијата.
Според анализа што ја објави Ројтерс, на задната страна на пејџерите имало налепници што се идентични со оние на телекомуникациските уреди направени од тајванската компанија „Голд Аполо“ (Gold Apollo).
Основачот на оваа компанија Хсу Чинг-Куанг денеска, како што пренесува „Гардијан“, негирал дека пејџерите се направени од неговата фирма. Тој тврди дека тие биле произведени од компанија во Европа која имала право да го користи брендот на „Голд Аполо“.
„Производот не беше наш. Само го имаше нашиот бренд на него. Ние сме одговорна компанија“,
рекол тој.
Инаку, милитантите на Хезболах ги користат овие нискотехнолошки уреди за да спречат можни атентати на членовите на групата, кои може да се следат преку сигналите што ги емитуваат мобилните телефони.
Според извештаите, меѓу повредените во вчерашниот напад е и иранскиот амбасадор во Бејрут, Мојтаба Амани.
Неименуван извор од Хезболах изјавил дека милитантната група верува дека нападот бил извршен како одговор на наводен обид за атентат на шиитската милиција врз поранешен висок функционер на израелската војска, кој бил откриен во вторникот.
По вчерашниот напад болниците ширум Либан се преполни со пациенти, а во јужниот град Тир била поставена теренска болница за да ги смести ранетите. Звукот на сирените на итната помош одекнувал во главниот град на Либан повеќе од три часа по првичниот напад.
Нападот доаѓа во време кога Вашингтон се обидува да ги деескалира тензиите меѓу Израел и Хезболах поради стравувањата дека израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху би можел да нареди копнена инвазија на Либан.
Дополнително, нападот се случил само неколку часа откако Израел објави дека ги проширува своите цели во војната предизвикана од нападите на Хамас на 7 октомври лани, кои би вклучиле и борби против Хезболах по должина на границата со Либан.
Од Хезболах потврдија дека меѓу загинатите има најмалку двајца борци на милитантната група и една млада девојка. Нешто подоцна локалните медиуми објавија дека во експлозиите загинал и синот на пратеникот на Хезболах, Али Амар.
Пејџерите експлодираа во јужен Либан, поточно во јужните предградија на Бејрут, познати како Дахије и источната долина Бека, сите упоришта на Хезболах.
Еден функционер на Хезболах, кој инсистирал на анонимност, рекол дека детонациите се најголемото нарушување на безбедноста на групата од избувнувањето на конфликтот во Газа на 7 октомври лани, кога палестински Хамас започна напади во јужен Израел убивајќи 1 200 луѓе и земајќи околу 250 заложници.
Портпаролот на американскиот Стејт департмент, Метју Милер, рече дека е прерано да се каже како последниот напад ќе влијае на разговорите за прекин на огнот во Газа. Тој на брифинг за новинарите рече дека САД не биле вклучени и дека не знаат кој е одговорен за нападот.
Хамас го опиша нападот како ескалација што ќе доведе до пораз на Израел.