Министерот смета дека мандатот на градоначалниците треба да им го одзема само оној што им го дал, односно граѓаните на непосредни избори иако, како што вели, има случаи кога некои градоначалници и покрај тоа не функционираат како што треба
Градоначалничката на Град Скопје е промашена инвестиција, но народот никогаш не греши дури и кога ќе избере некој што не е како што треба. Ова денеска го изјави министерот за здравство Арбен Таравари коментирајќи го предлогот на градоначалникот на Кисела Вода и претседател на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски, за измени во Законот за локална самоуправа со кои ќе се овозможи смена на градоначалник.
Таравари е против вакви измени и смета дека мандатот на градоначалниците треба да им го одзема само оној што им го дал, во случајот граѓаните на непосредни избори иако, како што вели, има случаи кога некои градоначалници и покрај тоа што се избрани од народот не функционираат како што треба.
„Мислам дека градоначалникот на Кисела Вода се повикува најмногу на градоначалничката на Град Скопје, која е промашена инвестиција, меѓутоа тоа е тоа. Народот никогаш не греши дури и кога ќе избере некој што не е како што треба. Така што, мој став личен е дека треба да има политичка одлука околу разрешување на градоначалниците, но мислам дека народот ги избира народот може да ги разреши“,
изјави денеска Таравари одговарајќи на новинарски прашања.
Претседателот на Здружението на единиците на локална самоуправа (ЗЕЛС) и градоначалник на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, викендов во интервју за Радио Слободна Европа изјави дека моќта на градоначалниците е преголема и оти треба да се ограничи. Како што рече, ЗЕЛС ќе работи на измени во Законот за локална самоуправа со цел механизам за смена на градоначалник.