Шерифот на округот Палм Бич, Рик Бредшо, во изјава за медиумите рече дека американската тајна служба забележала цевка од пиштол како излегува од оградата на теренот за голф. Агентите на тајната служба испукале најмалку четири куршуми кон осомничениот, a мажот потоа ја фрлил пушката, два ранци и други предмети и побегнал со црн спортски автомобил, но бил уапсен во соседната област
ФБИ објави дека го истражува пукањето што вчера се случи пред голф-клубот на Доналд Трамп во Флорида, а кое беше во негова близина.
„ФБИ го истражува она што се чини дека е обид за атентат врз поранешниот американски претседател Доналд Трамп“,
се наведува во објавата на ФБИ.
Шерифот на округот Палм Бич, Рик Бредшо, во изјава за медиумите, рече дека американската тајна служба забележала цевка од пиштол како излегува од оградата на теренот за голф, но оти не е јасно дали човекот пукал. Агентите на тајната служба испукале најмалку четири куршуми кон осомничениот. Мажот потоа ја фрлил пушката, два ранци и други предмети и побегнал со црн спортски автомобил, но бил уапсен во соседната област.
„Осомничениот бил на околу 270 до 450 метри од Трамп, кој во тоа време играл голф. Тајната служба пукала во осомничениот“,
изјави Рафаел Барос од теренската канцеларија на Тајната служба во Мајами.
„Гардијан“, повикувајќи се на извор од истрагата, пренесува дека осомничениот е идентификуван како Рајан Весли Рут и е на возраст од 58 години.
Истото име го објавија и други американски медиуми, како Асошиетед прес, Фокс њуз и Си-ен-ен.
Сепак, според пишувањата на „Гардијан“, од официјалните лица за спроведување на законот не е именуван осомничен и не се дадени никакви индикации за мотивот.