Ударот предизвикал пожар во зградата, а меѓу повредените се три деца, изјави регионалниот гувернер на Харков, Олег Синегубов
Триесетина лица се повредени во руски напад врз станбена зграда во североисточниот дел на Украина, во градот Харков кој се наоѓа непосредно до руско-украинската граница. Меѓу повредените има три деца, а регионалниот гувернер Олег Синегубов на „Телеграм“ напиша дека ударот од руската наведувана бомба предизвикала пожар во повеќекатната станбена зграда, со што е направена поголема штета на цивилната инфраструктура.
Руските воздушни напади се интензивираа во последниот период. Вчера во напад со дронови врз повеќе украински градови и области загинаа две лица.
Борбите се интензивираат и на терен откако претседателот на Украина, Володимир Зеленски, побара од сојузниците на Украина да ѝ обезбедат оружје со долг дострел за да може да ги нападне руските логистички и воени аеродроми лоцирани далеку зад линијата на фронтот, дури и на руска територија.
Во моментов е во тек дебата за тоа дали да се одобри употребата на ова оружје против цели на руска територија. САД и Велика Британија се двоумат околу оваа одлука, а Русија веќе се закани дека таквата одлука ќе значи директен конфликт меѓу НАТО и Русија.