Рускиот претседател Владимир Путин вчера изјави дека Западот директно ќе се соочи со Русија доколку ѝ дозволи на Украина да започне да ја напаѓа руската територија со западно оружје со долг дострел, потег што ќе ги промени природата и обемот на конфликтот
Што и да изјави рускиот претседател Владимир Путин, тоа нема да ја промени позицијата на ЕУ за поддршка на Украина, изјави денеска портпаролот на Европската комисија за надворешни работи и безбедносна политика Петер Стано.
„Путин постојано дава непријателки насочени коментари и покрај фактот дека тој ја започна војната против Украина и со тоа ги нападна и сите модерни европски и западни демократии. Тој не само што ја напаѓа Украина, туку ги напаѓа и принципите на вредностите во кои веруваме, го напаѓа меѓународното право и го напаѓа светот базиран на правила, прекршувајќи ја Повелбата на ОН. Тој започна војна против сите нас“,
истакна Стано.
На новинарско прашање, дали е можна промена на позицијата на ЕУ кон Киев по изјавата на Путин дека ако Западот ѝ дозволи на Украина напади со нивни ракети со голем дострел врз руска територија тоа би значело дека земјите на НАТО се во војна со Русија, Стано нагласи дека ништо нема да ја промени позицијата на ЕУ.
„Сè додека трае илегалната агресија врз украинскиот народ, ние ќе продолжиме да ја поддржуваме Украина, вклучително и со воена поддршка“,
додаде Стано.
Според него, ставот на некои земји членки на ЕУ за укинување на забраната за употребата на оружјето што тие ѝ го донирале на Украина за напади врз руска територија е индивидуална одлука на секоја држава.
Рускиот претседател Владимир Путин вчера изјави дека Западот директно ќе се соочи со Русија доколку ѝ дозволи на Украина да започне да ја напаѓа руската територија со западно оружје со долг дострел, потег што ќе ги промени природата и обемот на конфликтот.
„Ова не е прашање дали треба или не на украинскиот режим да му се дозволи да ја нападне Русија со ова оружје. Прашање е дали земјите од НАТО се директно вклучени во воен конфликт или не. Доколку се донесе таква одлука, тоа нема да значи ништо друго освен директно вклучување на НАТО, САД и европските земји во војната во Украина. Тоа ќе биде нивно директно вклучување и, се разбира, значително ќе ја промени суштината, самата природата на конфликтот“,
рече Путин.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски со месеци бара од западните сојузници да ѝ дозволат на Украина да користи западно оружје, вклучително и американски ракети со долг дострел АТАЦМС и британски „сторм шедоус“, за да погоди цели длабоко на руска територија.